Актуелно 23.02.2019 17:21

Неажурност или неажурираност: МВР го води за исчезнат, тој си живее во велешко и си создал семејство – го бара ли некој?

Неажурност или неажурираност: МВР го води за исчезнат, тој си живее во велешко и си создал семејство – го бара ли некој?

Поради големата паника која се јави кај јавноста по неколкуте исчезнати лица во Македонија, КУРИР започна детално и обемно истражување во оваа насока.

Анализата на КУРИР покажува дека не е позната судбината на 132 исчезнати лица од Македонија за периодот 2014-2018, бидејќи на интернет страната на МВР објавени за исчезнати се само 64 лица.

МВР, во најновото соопштение вели дека не постои тренд на пораст во исчезнувањето, како и дека реализацијата на пронајдени лица во изминатите 5 години е од 94 проценти.

МВР информираше дека во периодот од 2014-2018 пронајдени се 1876 лица од 2008 пријавени исчезнати. Нема податок од полицијата колку од овие лица биле пронајдени починати, а колку живи. Дополнително, останува бројката од 132 лица за периодот кој МВР го наведува, а на кои сé уште не им е позната судбината.

Не е познато ниту колку од овие сé уште исчезнати 132 лица за овој петгодишен период, се објавени на интернет страната на Министерството во делот на „Исчезнати лица“. Иако МВР во соопштението наведува дека на нивната веб страница може да се проверат „СИТЕ ПОДАТОЦИ И СИТЕ АКТУЕЛНИ СЛУЧАИ НА ИСЧЕЗНАТИ ЛИЦА“, реалноста е поинаква.

На интернет страницата на МВР објавени се само 64 исчезнати лица. Меѓу нив и едно младо момче кое се води за исчезнато од 2017-та година.

Со едно обично пребарување на интернет, го најдовме момчето Н.Д. по кое државата, наводно трага веќе втора година по ред.

Момчето кое е родено во 1997-ма година, исчезнува на своја 20-годишна возраст. МВР како официјален датум за неговото исчезнување го води 21.04.2017-та година.

Неговата фотографија, име и презиме, датум на раѓање и исчезнување, си стојат на сајтот на МВР и денес, кога граѓаните секојдневно ја губат довербата во безбедноста на државата.

КУРИР дознава дека ова момче е пријавено за исчезнато пред скоро две години, но во меѓувреме тој слободно си живее, работи, се оженил и си добил детенце. Негов познаник со кој стапивме во контакт, потвдува дека станува збор за истото лице.

Најзагрижувачки во ова е фактот што ако некој навистина го барал-ќе го најдел!

Момчето, чиј идентитет директно не го откриваме во оваа вест, живее во село во близнина на Велес. Во 2018-та година, тој и неговата избраничка добиваат детенце.

КУРИР стапи во контакт со негови соседи кои сакаа да останат анонимни. За момчето велат дека живее таму многу години, не забележале дека некое време бил исчезнат.

-Вредно момче е, работи. Сега имаме и невеста и принова од него. Не знам зошто велите дека некаде е пријавен за исчезнат, не сме забележале да го нема, тука е, ни рекоа негови сограѓани.

Не успеавме да најдеме директен контакт со момчето, бидејќи телефонскиот број кој го добивме од него, повеќе не го користи. Но, тој и неговата избраничка не се кријат.

Доста се активни на својот заеднички профил на Фејсбук, а и “исчезнатиот“ има свој профил, но го води под псевдоним, а не со полното негово име.

Според нашите неофицијални информации, момчето е прогласено за исчезнато оти не можеле да го најдат дома за да му врачат некоја покана за на суд, а неговите тврделе дека го нема.

Затоа, КУРИР прашува: Оваа огромна грешка дали се должи на неажурност или на неажурираност?

Дали полицијата го најде ова момче, но сајтот не е ажуриран,па тој уште стои таму како исчезнат?

Или, не знаат каде е, официјално претставуваат дека го бараат, но не можат да го најдат?

Ги бара ли некој лицата кои во Македонија се водат за исчезнати?