Финансии 14.05.2018 12:21

Неколку совети како да ги вложите вашите пари, а да не се откажете од многу работи

Неколку совети како да ги вложите вашите пари, а да не се откажете од многу работи

Знаете како се вели: Зрно по зрно – погача, капка по капка – вир. А се сеќавате ли како баба и дедо посветено штедеа? Во секое време имаа скриено по некој денар на страна. Тргаа малку по малку, ама редовно. Иако не заработуваа којзнае колку, секогаш им остануваше по нешто.

Многу години подоцна, работите се осовременети, но правилата на игра со парите не се изменија многу. Пристапот е ист, сѐ останато се нијанси.

Денес на пример можете да имате активирано личен план и да вложувате постепено, месец за месец. Минималните влогови се достапни за секого и почнуваат од 500 денари месечно.

Се разбира, клучот од подобрата финансиска перспектива се крие во вашите навики и односот кон парите, стекнати можеби уште во раното детство. На прво место е секако дисциплината. Тешко се стекнува, ама па без неа не бива речиси ништо во животот. Нема ли дисциплина, нема постепено штедење. За резултати на долгорочен план, воопшто и да не зборуваме.

Секому се има случено да се покае после „непланиран“ шопинг и да си рече дека тие пари се неразумно потрошени, а можеле фино да бидат заштедени. Секое непромислено трошење си е еден вид школо. Од друга страна, секој заштеден денар делува како мало делче од финансискиот мозаик, но со тек на време може да има значително влијание врз крајниот резултат. А и многу поедноставно е да заштедувате секој месец по малку, отколку поголем износ наеднаш. Трајниот налог е лекот за постепено штедење и вложување. Постојаноста се исплати на многу начини, еден од нив е чувството на сигурност, кога знаете дека имате одредена сума на заштеда.

Започнете од штедната касичка

Штедењето и вложувањето се тесно поврзани, бидејќи без заштеда на дел од заработеното, нема „материјал“ за вложување. Ако никогаш досега не сте штеделе, но сепак имате желба, започнете на традиционалниот начин – со штедна касичка. Можеби идејата ви изгледа смешна, ама 50 денари дневно си се 25 евра месечно. А ќе направите и бесплатен тест дали сте преживеале без тие пари во месецот.

Е сега, секој месец по 25 евра се 300 евра годишно. А ако наместо касичка користите отворен фонд, уплатениот износ може да биде дополнително оплоден. Ќе си речете, какво фајде од постепеното вложување, фондовите се привилегија за луѓе со многу пари.

Меѓутоа, низа истражувања од праксата ги докажале недвојбените предности кои редовните месечни уплати ги овозможуваат за малите вложувачи. Јасно е дека берзите се движат во обете насоки – на моменти растат, на моменти опаѓаат и  никој со сигурност не може да каже во која насока ќе тргнат од моментот кога вие ќе се одлучите да вложувате. Но, токму во нивната непостојаност се крие потенцијалот за добра заработка.

Ако се замислите малку подетално, на овој принцип функционира и реформираниот пензиски систем. Вториот столб е типичен пример на план за постепено вложување. Може да се рече дека преку пензиската реформа државата им поткажува на своите граѓани за функционалноста и исплатливоста на долгорочното вложување. Единствената разлика е што во пензискиот фонд месечниот придонес го уплаќа вашиот работодавач и таа уплата е задолжителна, додека во отворениот фонд уплатите си ги вршите сами на доброволна основа. Од друга страна, кај отворените фондови имате целосна слобода при изборот на конкретниот фонд, износот на влогот, времетраењето на вложувањето и можеби најважното од сѐ – одлуката кога и за што ќе си ја искористите својата заштеда.