Актуелно 15.08.2019 12:24

Неликвидноста останува сериозен проблем за македонските компании

Неликвидноста останува сериозен проблем за македонските компании

Неликвидноста останува сериозен проблем за македонските компании. Состојбата е малку подобрена во однос на периодот пред 5 или 6 години, но наплатата на сработеното останува еден од најголемите ограничувачки фактори за раст и на фирмите и на економијата во целина.

„Доцнењето со плаќањата е и дел од нашиот менталитет, можеби и навика. Мора да се работи и на ова. Има случаи кога фирмите имаат кеш, но го чуваат на сметка а обврските ги намируваат во последен момент па дури и подоцна“ вели Марко Костовски, економист.

Експертите советуваат дека за да се намали ризикот од отежната наплата компаниите мора да преземат превентивни мерки – да договорат јасни рокови за наплата, да ги испраќаат фактурите веднаш по нивното доспевање, да користат електронско банкарство, да не се залетуваат по најниската цена туку да внимаваат и на условите.

„Секогаш ќе има проблеми со наплатата, но овие едноставни совети можат колку толку да помогнат“ вели Костовски.

Пред седум години беше воведна задолжница – финансиски инструмент со кои компаниите се обврзуваа дека во одреден рок ќе го платат фактурираното. Но, по само две години таа од задолжителен инструмент стана само доброволен, па сега многу малку се користи.

Дека неликвидноста останува сериозен проблем покажува и најновата листа на должници на Управата за јавни приходи (УЈП) според која граѓаните и компаниите на државата по основ на неплатени даноци, придонеси, акцизи и царини и должат над 160 милиони евра.

На списокот има 4.500 неплаќачи. АД ТЕ-ТО – Скопје е прв на црната листа – долгот по разни основи достигнува 15,7 милиони евра. Голем дел од компаниите што и должат на државата како и досега се јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост, општини и слично. На листата се најде ЈП за Одржување на магистрални и регионални патишта кое должи скоро 5 милиони евра, загубарот Еурокомпозит од Прилеп кој должи 2.3 милиони евра, како и ЈКП Тетово со долг од 2.13 милиони евра.

На непосакуваната листа на должници се најде и Бетон Скопје, Винарската визба Повардарие од Неготино, МРТ, ЈП за стопанисување со спортски објекти, Фабриката за шински возила од Велес и други.

 

 

Извор: Денар