Актуелно 21.06.2018 11:51

Нема поддршка за одгледувачите на пченица: Пченицата е неисплатлива и ќе исчезне од нивите

Нема поддршка за одгледувачите на пченица: Пченицата е неисплатлива и ќе исчезне од нивите
Нема договор за цената на лебното зрно од годинешната реколта. Мелничарите сакаат пазарна цена за откуп, а земјоделците договорена од минимум дванаесет денари. Дека нешто лошо се случува како непосакуван абер е фактот, што во најголемата житница Пелагонија, пченицата с`е помалку ја има. Денеска репортерската екипа на АЛФА се сретна со најкрупниот фармер Митат Исмаиловски од битолско Будаково, кој пченицата ја има засејано на двесте хектари и очекува врвни приноси од над пет тони по хектар. Но, тој смета дека оваа култура повеќе не е исплатлива.
– Мене ми е последна година што сејам пченица и можеби државното земјиште ќе го откажам, бидејќи мене не ми се исплати со десет денари, како што велат наводно, осум, девет или десет денари, да посејам пченица.
Апсолутно не, оти мене мастрафот ми е десет денари, а “зелената нафта“ мислам дека узреа- рече Митад Исмаиловски, фармер од с. Будаково и претседател на Потсекторот за жито и ориз.
Но, на што се должат ценовните диспаритети и другите околности поради кои се помалку ги има маслодавните културни и шеќерната репка која целосно исчезна, а сега е загрозена и пченицата?
– Земјоделците велат дека договорот со ЦЕФТА го гуши македонскиот аграр и токму затоа, како директна последица многу култури исчезнуваат од земјоделските полиња, а сега во прв ред, барем во наредниот период, се очекува тоа да се случи и со лебното зрно.
Меѓународните трговски правила бараат сериозна домашна стратегија, за да може кревкиот аграр да опстои.
– Лошите цени во земјоделието се должат на лошата соработка  на сите членки на ЦЕФТА, во кои сме и ние како Македонија. Нашата држава, исто така, е претворена во село без кучиња, кога станува збор за увозот на разни култури што можеме ние да ги произведуваме, а не можеме да ги продадеме заради тоа што не сме конкурентни на пазарот- рече Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците.
Во Македонија годинава се засејани 75. 000 ха со пченица или девет пати помалку од Србија која е главниот увозник на брашно на нашиот пазар. Барем засега, никој не знае колкави количества влегле за овие шест месеци, а за една недела ќе започне жетвата во услови на голема дискрепанца помеѓу понудените осум денари од мелничарите и посакуваните дванаесет од земјоделците. Исмаиловски кој е претседател на потсекторот за жито и ориз, вели дека никој годинава не го повикал во ресорното министерство.
Извор:Алфа