Живот 26.01.2024 12:48

Нетфликс најави ново зголемување на цената на претплатата

Нетфликс најави ново зголемување на цената на претплатата

Во новото писмо до акционерите, Нетфликс најави скок на цените на претплатите што треба да се случи оваа година.

„Додека инвестираме и го развиваме Нетфликс, повремено ќе бараме од нашите претплатници да платат малку повеќе во согласност со тие подобрувања, што пак ќе поттикне позитивен моментум за дополнителни инвестиции за понатамошен раст на нашите услуги“, велат од компанијата.

Потсетуваме дека во ноември 2022 година стриминг сервисот „објави војна“ на споделувањето лозинки, на кои прибегнаа многу корисници и најави поевтин пакет на услуги, но кој вклучува прикажување на реклами. Нетфликс има повеќе од 260 милиони корисници ширум светот, а во четвртиот квартал од минатата година доби повеќе од 13 милиони нови, што укажува дека новиот пристап се исплати, пишува CNBC.

Стандардна претплата во моментов чини 15,49 долари во САД, додека најевтиниот пакет поддржан од реклами чини околу 6,99 долари месечно. Корисниците во Македонија и регионот плаќаат значително помалку – 4,99, 7,99 и 9,99 евра за Basic, Standard и Premium пакетите.

Исто така, вреди да се нагласи дека Нетфликс во изминатиот период имаше големи расходи. Тие потпишаа договор со креаторите на телевизиската програма „World Wrestling Entertainment Raw“, која емитува натпревари во борење, што ќе им овозможи ексклузивно да ја пренесуваат нивната содржина во иднина. Договорот е вреден дури пет милијарди долари и трае десет години.

Засега не е објавено колкав скок на цената може да очекуваат претплатниците, но сигурно е дека тоа ќе се случи.

Инаку, Нетфликс ги надмина очекувањата на Вол Стрит, кој прогнозира дека американскиот стриминг сервис ќе добие меѓу осум и девет милиони нови претплатници во четвртиот квартал од 2023 година. Приходите на Нетфликс за четвртиот квартал од 2023 година се 8,83 милијарди долари, а профитот е 937,8 милиони долари или 2,11 долари по акција.

Во истиот квартал од 2022 година, Нетфликс објави добивка од 55,3 милиони долари или 12 центи по акција. Нетфликс ја зголеми својата прогноза за оперативната маржа за цела 2024 година на 24 отсто поради послабиот американски долар и подобрите од очекуваните резултати во К4 2023 година.