Во Македонија има по неколку илјади слободни работни места според објавените огласи за работа, но во нив често не пишува колкав ќе биде износот на платата, а фалат и други детали, во смисла колку работници бараат, дали се работи за вработување на неопределено или определено време, дали станува збор за хонорарна работа. Во некои огласи е наведено дека следи плата по договор.
Младите кои бараат работа велат дека често сретнуваат огласи за работа кои им делуваат несериозно и тврдат дека тоа ги одвраќа од намерата да аплицираат за понуденото работно место. Висината на платата им е клучна за да се одлучат да конкурираат за некое работно место.
„Има огласи каде не пишува колку ќе биде платата, ништо конкретно. Тоа што најмногу ги интересира луѓето, не го пишува и најчесто ги одбегнувам тие огласи“, вели Марија Илиевска, граѓанка.
Друга млада девојка исто забележала дека има огласи кои не ги содржат сите потребни податоци.
„Има такви огласи. Не би аплицирала на таков оглас, туку прво ќе се распрашам за фирмата“, рече млада невработена девојка.
Изабела Христовска Шкоф, сертифицирана кариерна советничка вели дека огласот го дава првиот впечаток за компанијата на потенцијалниот вработен, па затоа компанијата треба да се потруди за истиот.
„Добро подготвен оглас треба да ги содржи следните елементи: конкретна работна позиција за која се бара вработен, краток опис за компанијата и тоа што го работи, мисија, визија, вредности и информација за компаниската култура, опис на работното место и главните работни задолженија за позицијата, неопходни компетенции кои треба да ги поседува кандидатот (потребно образование, искуство, вештини и компетенции за конкретната работна позиција), дополнителни компетенции (добро е да се дефинираат вештини и компетенции кои се неопходни за работата, а кои би било добро кандидатот да ги има, но не е пресудно доколку ги нема), локација на работно место (дали се работи за работа во канцеларија, на терен, работа од дома или комбинација), информација за редовното работно време, но и информација доколку се работи за викенди, празници и дали има надомест за работа за викенди и празници. Вид на договор (работа неопределено или неопределено време, хонорарна работа, волонтерска работа…). Информација за висина на плата (добро би било и да има информација за најниска и највисока плата која може да се добие за конкретната позиција во зависност од искуството и останатите компетенции) и дополнителни придобивки кои ги нуди компанијата. Информации за процес за апликација и краен рок за поднесување на апликацијата. Контакт информација од лицето во компанијата на кое потенцијалните кандидати можат да ја испратат апликацијата или да постават прашања поврзани со процесот на апликација и работната позиција. Времетраење на огласот и веб сајт на компанијата“, објаснува кариерната советничка.
Вели дека доколку огласот кој се објави е добро структуриран и транспарентен, поголема е веројатноста дека компанијата ќе привлече квалификувани кандидати кои би биле соодветни за работната позиција. Додава дека добриот оглас помага да се заштеди време на лицето во компанијата кое ќе ги прегледува апликациите, но и на потенцијалниот кандидат кој нема да потроши време аплицирајќи за позиција која не е соодветна на вештините и компетенциите кои ги поседува. ()