Незадоволство и кај специјализантите по стоматологија. Ако долго се натегаа дали ќе има или не пари за специјализантите по медицина, сега и оние по стоматологија бараат да имаат рамноправен третман. Имале средби со министерот за здравство Венко Филипче, а на крај одговорот бил нема пари. Сега тие се обраќаат до премиерот Зоран Заев. Еве што му пишуваат на Заев, пренесува порталот Здравство.мк.
„По низата неуспешни обиди да се слушне нашиот глас во министерството за здравство и да се реализираат нашите барања, одлучивме да Ви се обратиме Вам како наша последна надеж за да го вратиме достоинството кое одамна го изгубија докторите специјализанти на стоматологија во нашава држава. Имено, бевме многу задоволни кога слушнавме дека конечно се обезбедени и пуштени финансиски средства за исплата на колегите специјализанти на медицина, што секако е за поздравување. Ни влеавте надеж дека сепак здравствените власти се грижат за нас, младите специјализанти, и дека имаме некаква перспектива, останувајќи да работиме и да ја градиме нашата иднина тука.
Да се биде доктор по стоматологија, а уште повеќе и специјалист по одредена област во стоматологијата, е истовремено привилегија и престиж во било која држава надвор од нашава. Но, за жал, општо познат е фактот дека во се поголем број наши незадоволни колеги ја напуштаат државата во потрага по подобра егзистенција. Изминативе години, се поевидентен е трендот на промена на стоматологијата како професија, главно поради ниските примања кои ги добиваат младите доктори стоматолози, како и експлоатацијата која се јавува како чест феномен на денешницата.
Впрочем, сите сме сведоци и знаеме како е да се прима паричен надомест кој не е доволен да се покријат ниту патните трошоци до работа и назад, што е многу далеку од создавањето на услови за пристоен живот на еден доктор стоматолог, кој треба да оформи свое семејство, да продолжи со сопствена континуирана едукација и понатамошно усовршување во професијата, од аспект на специјализација.
Програмата на Владата ветуваше многу за младите доктори на специјализација, меѓутоа мал дел од тие ветувања се исполнети. На панел дискусијата одржана на ден 11.06.2018 г. во Музејот на современа уметност, на која учествувавте и Вие заедно со Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче и останати претставници на Министерството за здравство, како и на повеќе асоцијации на специјализанти и млади лекари, истакнавте дека исклучително важна цел на оваа Влада е да се задржи младиот медицински кадар во земјава со создавање на нови подобри услови и спроведување на соодветни мерки кои дополнително ќе влијаат на остварување на оваа цел.
Беше посочено дека се издвоени финансиски средства и дека ќе започне месечна исплата на сите приватни специјализанти, вклучувајќи ги и специјализантите на стоматологија, меѓутоа беа исплатени само колегите специјализанти на медицина и тоа делумно. Ние ја подржуваме оваа Ваша иницијатива за позитивни промени во здравството, меѓутоа бараме рамноправно и подеднакво спроведување на истата. Бараме валоризација и на нашиот труд, а досега единствено што почувствувавме е апсолутна дискриминација на специјализантите на стоматологија и деградација на истите и на стоматолошката фела во целост.
Од одржаната панел дискусија поминаа повеќе од 3 месеци, а од долгоочекуваниот ветен паричен надоместок за приватните специјализанти на стоматологија, ниту трага! Воедно, би сакале да напоменеме дека изминативте 5-6 месеци нашата работна група оствари повеќе средби со Министерот за здравство, со дел од неговите советници и останати претставници од Министерството, но сите беа без било каков конкретен резултат и завршуваа со празни ветувања.
Сепак, најоптимистичка беше нашата трета средба одржана на 01.06.2018 г., кога присуствувваше и Директорот на Секторот за финансиски прашања при ФЗОМ, г-дин Миле Сугарев, кој лично изјави дека во месец септември 2018 година Фондот за здравствено осигурување ќе успее да обезбеди финансиски средства и дека тогаш ќе започне месечната исплата на истите. Во меѓувреме, се што беше побарано од наша страна беше и реазлизирано, ги комплетиравме списоците на приватни специјализанти со бараните податоци во најкраток можен рок.
Целата документација беше подготвена за да се испрати до ФЗОМ од каде што требаше да бидат одобрени средства и истите да се распределат на соодветните стоматолошки клиники. Подоцна на наше инсистирање добивме информација дека буџетот за исплата на нашите веќе одамна ветени плати всушност се уште не е обезбеден, односно не постои! Според приложеното, очигледно е дека целиов процес е се уште на самиот почеток, а се добива впечаток дека цела една генерација на млади доктори по стоматологија е тотално изигнорирана и изиграна. Ние веруваме во Вас како претседател на Владата на Р. Македонија и во Вашата определба кон позитивни промени со цел задржување на нас младите, но во исто време се прашуваме каде сме ние во целата оваа приказна?
До каде е процесот за одобрување на средства за исплата на месечен паричен надоместок и на специјализантите по стоматологија? Ние сме спремни за зајакнување на нашите научни и стручни капацитети и усовршување на нашите практични способности, но колку е сето тоа изводливо со минимален или никаков приход? Дополнително, пред нас следува тежок финансиски период, односно почеток на новиот семестар и подмирување на трошоците за специјализација кон Стоматолошкиот Факултет – Скопје, кои се дополнителен товар на младиот специјализант.
Во повеќе наврати беше кажано дека оваа Влада е детерминирана кон унапредување на здравствениот сектор и дека и ние треба да се ангажираме и заедно за дејствуваме за подобро здравство. Ние сме тука и веќе работиме и придонесуваме. Единствено што бараме е реално вреднување на нашиот труд и ветениот месечен паричен надоместок. Вие ние сте последната искра надеж дека некој во оваа држава се грижи и за нас, докторите стоматолози на специјализација, и длабоко сме уверени дека ќе создадете подобри услови за сите нас.
Затоа, бараме ургентно актуелизирање и решавање на ова за нас исклучително сериозно и значајно финансиско прашање. Ве замолуваме да ја искористите Вашата позиција со цел рамноправен, правичен и еднаков третман на сите приватни специјализанти“, се вели во Отвореното писмо до премиерот Заев.