Актуелно 29.01.2020 20:34

Николоски: Можноста да оставите нешто позади Вас е причината поради која се одлучив за политиката

Николоски: Можноста да оставите нешто позади Вас е причината поради која се одлучив за политиката

Александар Николоски, потпретседател на политичката партија ВМРО ДПМНЕ со политиката започнува уште како доста млад, а на негови 22 години станува најмладиот пратеник во историјата на Македонија. За неговите почетоци во кариерата и за тоа каков е Александар приватно, прочитајте од ексклузивното интервју на „friday.mk“.

Како за старт би сакале да се навратиме малку на почетоците… Како Александар влезе во политиката и што е она што те натера да го одбереш тој правец во кариерата?

Со политиката започнав многу млад на мои 20 години, инаку во јавниот живот сум од 17-та година бидејќи бев претседател на Средношколската унија на Македонија. Тоа беше еден интересен период бидејќи во тоа време беше тешко да се запишете на факултет поради големата партиципација која требаше да се плати, што беше огромен трошок за семејствата. Јас започнав едно движење или мини револуција против тоа и средношколците го подржаа мојот подвиг и успеавме да ја намалиме партиципацијата на она што е денеска. На овој начин станав популарен меѓу средношколците. По завршувањето на средното образование се запишав на факултет каде што редовно студирав во првите две години и потоа во 2004 година се случи почетокот на реформите во ВМРО ДПМНЕ кога во тоа време Никола Груевски реши да го отстрани наследството од Љупчо Георгиевски. Јас тоа го забележав и веднаш го побарав Никола и му се понудив да помогнам во партијата на било кој начин бидејќи ми се допаѓаше правецот во кој се движеше. Потоа бев избран за претседател на Унијата на млади сили или младинската организација на партијата во која што членуваат сите кои имаат до 28 години. Во тој период успеавме да станеме најсилна младинска организација и за само една една година успеавме да собереме 20 000 членови. Во 2006 година бев избран за пратеник и од тогаш започнав формално да дејствувам во политиката.

Во политиката влезе доста млад. Како е да се биде најмлад пратеник во собранието на Македонија во тоа време?

Тогаш имав само 22 години и сеуште немало помлад пратеник во Македонија. Ова беше навистина интересно и комплетно ново искуство. Младите го препознаа тоа затоа што тогаш прв пат во политиката се даде шанса на млади луѓе. Претходно тоа биле сериозни господа, со сериозни фризури и костуми и немале многу чувство за младите. Лично ми беше тоа голем предизвик, ми се промени животот многу, како на професионален така и на приватен план. Тоа беше доста интересно и за јавноста и многу Ваши колеги сакаа да направат интервју со мене. И покрај што бев млад во политиката, јас продолжив со мојот вообичаен живот, многу често излегував и навистина ми беше интересно како го спојувам едното со другото.

Како балансираш семејство, пријатели, и време за себе со работата знаејќи дека си постојано со обврски?

Искрено не успевам ? Мислам дека кој ќе ви каже дека успева, не е искрен. Многу сум благодарен на мојата фамилија, на пријателите и на сопругата што издржуваат и ме поднесуваат, зошто ако сакате да успеете во овој живот кој јас го водам, тогаш потребно е 24 часовна посветеност. Денот ми започнува околу 09:00 часот наутро и завршувам секој ден помеѓу 23:00 и 01:00 часот по полноќ. Тоа е темпо кое што не ви остава многу простор за фамилија или за пријатели. Од седум рабтни дена во неделата, јас работам сигурно шест, а некогаш и повеќе, но се обидувам неделното попладне да го поминам во одмор. Морам да кажам дека сопругата ми дава огромна поддршка и добро е што и таа има интензивно темпо на живот и се вклопуваме двајцата. Немам многу простор за приватен живот но сите ние сами си ги правиме изборите. Не би сакал целиот мој живот да го поминам во политика, па веројатно во мојот втор дел од животот би имал повеќе време за другите работи.

Што е она што те инспирира во животот? Дали имаш нешто што е мотив за тебе и што те води?

Причината поради која што решив да се занимавам со политиката иако е многу неблагодарна професија е можноста да оставите нешто за луѓето позади вас. Јас сакам да оставам нешто кое што ќе го паметат идните генерации. Да ја подобриме државата и да оставиме една трага во историјата дека во тоа време, тие луѓе ја направиле таа промена. Тоа е главниот мој мотив зошто се занимавам со политика.

Целото интервју можете да го прочитате на friday.mk.