Актуелно 15.09.2018 18:23

Николоски: СДСМ се обидува да дебатира за се` освен за договорот кој значи вечно блокирање на влезот на Македонија во ЕУ

Николоски: СДСМ се обидува да дебатира за се` освен за договорот кој значи вечно блокирање на влезот на Македонија во ЕУ

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски при вчерашната дебата со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска во емисијата 360 на Алсат телевизија го потенцираше фактот дека СДСМ во својата референдумска кампања воопшто не го споменува како што вели капитулантскиот договор за промена на името.

Тој забележа дека власта се обидува да дебатира за се освен договорот. Николоски вели дека целиот договор е проблематичен, но притоа напомена три дела, а го потенцираше воведниот со кој Македонија се откажува од сите претходни победи во таканаречената битка за името.

-СДСМ се обидува да дебатира за се освен за договорот. Ние не слушнавме ниту една суштинска дебата по однос на текстот на договорот и јас би сакал да ја искористиме оваа вечер да дискутираме по однос на договорот. Еве можеме да одбереме кој сака член од договорот госпоѓо Шекеринска и да го исдискутираме. Целиот договор е проблематичен има три аспекти. Тоа е воведниот дел и членовите 7 и 8. Со воведниот дел се укинуваат сите претходни работи кои што Македонија како такви претходно ги стекнала во оваа битка за името. Почнувајќи од времената спогодба, пресудата на судот во Хаг кој што јасно кажа дека Грција не смее да го блокирала членството на Македонија во меѓународни организации, рече Николоски.

Николоски меѓудругото потенцираше дека членот 8 од како што вели капитулантскиот договор ќе значи механизам за Грција за вечно блокирање на членството на Македонија во ЕУ.

Тој ја спомена ресорска комисија на експерти од двете влади, која што ќе треба да направи ревизија на историјата и археологијата. Според него токму поради оваа комисија, секој пат кога некој македонски научник ќе напише нешто што на Грците нема да им се вклопува во нивната мегали идеа, Македонија нема да може да отвори ново поглавје од преговорите со ЕУ.

-Треба да се направи меѓу ресорска комисија на експерти од двете влади, која што треба да направи ревизија на учебниците, на учебните помагала, на научните книги, на работите кои што се однесуваат на историјата и археологијата и два пати годишно да дава извештаи. Но да преведам што ќе значи ова. Ова ќе е механизмот за блокирање на нашето членство во ЕУ. Затоа што секогаш кога некој наш научник ќе извади работа која што на Грците не им се вклопува во нивната мегали идеа тоа ќе значи блок на отворањето на следното поглавје. Значи немаме договор кој обезбедува членство во ЕУ, туку имаме договор кој што значи вечно блокирање на членството во ЕУ.