Во утринска емисија „Утрински брифинг“ гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, воедно и носител на изборна единица четири, Александар Николоски кој што посочи дека листите на ВМРО-ДПМНЕ се со млади и нови луѓе бидејќи така се вика и реформата на партијата „Нови луѓе, за ново време“, и факт е дека по 12-ти април кога ВМРО-ДПМНЕ ќе победи ќе започне ново време во државата.
-Во однос на носителите точно од 6 носители имаме две жени, што е во рамки на она што се законски решенија. И се обидуваме на следните избори да бидат и три жени. Да сме најмалку во сооднос 3:3, па зошто и да не четири. Тоа е една новина која што сакавме да ја направиме. Додека други зборуваат ние реализираме, појасни Николоски.
Николоски додаде дека од шест носители, двајца не се членови на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е професорката Силјановска и Дурловски.
-Околу 95% на листите има нови лица. А, неколку пратеници од постојаниот состав повторно се кандидати затоа што се докажаа со својата работа. Бидејќи Собранието е една специфична материја која што бара покрај добра претставеност пред граѓаните, бара и многу институционално знаење за внатре, затоа тука е Милошоски, Мицевски, Ласовска, Лашкоска и уште неколку други. Концептот на овие листи е продолжение на она што го започнавме во партијата после промената на раководството, тоа е една силна и сериозна реформа на партијата, која што сега планираме да ја направиме и во државата, фигуративно го крстивме како „Нови луѓе, за ново време“, бидејќи е факт дека доаѓа ново време во Македонија. Тоа не значи дека овие кадри кои што сега нема да се натпреваруваат за пратеници направиле нешто лошо или не оставиле добра трага во партијата, напротив ние сметаме на нив и во следниот период, на соодветни позиции на извршната власт каде што ќе можат да допринесат со своето искуство и знаење, пријателства кои што ги стекнале во изминатиот период, истакна Николоски.
Николоски образложи дека во следниот период сметаат дека во Собранието треба да имаат нови луѓе, каде што граѓаните можат да се препознаат и тоа е дијаметрално спротивен концепт од концептот кој што го понуди СДСМ за овие избори.
-Од 6 носители, се прв пат носители на листа во ВМРО-ДПМНЕ. Што е исто така концепт различен од СДСМ каде што, на пример Шекеринска не знам колку пати е носител, нагласи Николоски.