Актуелно 12.10.2018 11:27

Николоски во Брисел како претставник на ВМРО-ДПМНЕ на ЕПП

Николоски во Брисел како претставник на ВМРО-ДПМНЕ на ЕПП

По информациите во медиумите пренесени од дописничката на Македонската информативна агенција, дека ЕПП му се заканил со исклучување на ВМРО – ДПМНЕ од Европската народна партија, а претседателот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нема да присуствува на една од редовните конференции на ЕПП, од партијата соопштија дека во Брисел ќе присуствува потпретседателот Александар Николоски.

Од ВМРО – ДПМНЕ додаваат дека партијата секогаш била соодветно претставувана од партиски функционери на различно ниво, така што тенденциозно е присуството на потпретседателот Александар Николоски да се претставува како изолација на партијата или претседателот Христијан Мицкоски.

За Претседателот Мицкоски приоритет е заштитата на македонските национални интереси и јасно изразената волја на граѓаните кои на одржаниот референдум одлучно се спротивставија на капитулантскиот договор и не дадоа поддршка на промена на името, идентитетот, историјата, традицијата и културата. – стои во соопштението.

Од ВМРО – ДПМНЕ соопштуваат дека Мицкоски нема да биде присутен на конференцијата на ЕПП поради закажаното гласање за уставни измени за во понеделник.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нема да присуствува на конференцијата на ЕПП во Брисел заради тоа што за понеделник е најавено одржување на пленарна седница на Собранието на Република Македонија по владината иницијатива за измени на Уставот. – се вели во соопштението на партијата.

Самата покана испратена до ВМРО – ДПМНЕ е повеќе од јасна порака и најдобар демант до сите “душегрижници” кои ширеа лажни информации и вести во јавноста за изолација на партијата и нејзино исфрлање од ЕПП.