Беше ова година на предизвици и навистина не беше лесна година. Можам да кажам дека секоја опозиција за секоја политичка партија е шанса за промена, изградба на нови политики и исто така презентирањe на нов кадровски потенцијал на секоја партија и мислам дека ВМРО-ДПМНЕ паметно ја користи оваа година, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во изјава за емисијата Отворено за Алфа телевизија.
Николоски додаде дека за една година од новото раководство успеале внатрешно да се реформираат, како и да презентираат нови лица на политичка сцена.
Од друга страна ова беше една година на предизвици за Република Македонија и нас ни беше исклучително комплицирано да водиме два процеси. Од една страна да ја реформираме партијата затоа што партијата ја наследивме во една крајно незавидна ситуација и политички и со кадровски потенцијал, а од друга страна да водиме битка за Македонија, бидејќи ова беше може и најцрната година за Македонија и во делот на промена на името и во делот на воведување на двојазичност и во делот на економско уништување, изјави Николоски.
Тој додаде дека фокусот се претседателските избори каде што се надеваат дека ќе ја добијат поддршката од страна на граѓаните, односно како што рече тој доколку победат на претседателските избори тоа ќе биде вовед за барање на предвремени парламентарни избори.
Николоски истакна дека битката за зачувување на националните интереси се уште трае и потенцираше дека никој не треба да се откажува од таа борба, односно додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и во наредниот период да се бори уште поцврсто и поорганизирано.