Актуелно 06.11.2023 09:35

Николовска: Зошто е важен влезот во Европската Унија за земјоделците, што значи тоа во пари и други придобивки

Николовска: Зошто е важен влезот во Европската Унија за земјоделците, што значи тоа во пари и други придобивки

Отворањето на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија е значаен чекор за целата држава и нејзините граѓани.

За земјоделците и агробизнисмените посебно значење имаат промените на подобро кои ќе ги донесе нашето членство во Унијата. Во таа смисла овој пристапен период и активностите кои ќе се одвиваат се важни и треба да ги следиме и како јавност, но со поголемо внимание како директни учесници, дали на експертско ниво, земјоделски производители, трговци, агробизнисмени и земјоделски здруженија за да се помогне на администрацијата успешно да се заврши овој клучен период за нашиот агросектор.

Токму затоа на платформата Агротим ќе посветиме внимание и простор за да ги информираме (ако сакате и увериме) нашите земјоделци во предноста која ја нуди членството на државата во ЕУ, а тоа може само преку правилни и точни информации. Само едуциран земјоделец, со доволно информации може да донесе сам заклучок за одреден процес, без предрасуди или други политички, партиски влијанија или муабети пред продавници и кафеани.

Довербата која ја градиме со години со вас, земјоделци, е мојот адут во оваа наша мисија, да и помогнеме на Владата успешен пристапен процес во ваш интерес и да имаме европско земјоделство. Покрај медиумското покривање на целиот процес, во план е и теренско делување преку средби, трибини и непосредни разговори каде ќе имате можност да поставувате прашања, да разменуваме мислења и дилеми и тие да бидат пренесени до институциите и преговарачките тимови и на тој начин заеднички да дојдеме до најдобрите решенија за нашиот аграр.

Почнуваме со најосновното – Што претставува Заедничката земјоделска политика и зошто дури 1/3 од буџетот на ЕУ е токму за земјоделство и рурален развој.

Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) на ЕУ е најстара и една од најважните политики, како во однос на бројот регулативи што ја регулираат оваа област, така и од аспект на уделот на земјоделскиот буџет во вкупниот буџет на Европската Унија. Поточно, големината на буџетот на Заедничката земјоделска политика е многу висока и изнесува 1/3 од вкупниот буџет на ЕУ. Или според изјавите на претставниците на ЕК, секоја недела по 1 милијарда евра од европскиот буџет се трошат во земјоделскиот сектор

Нејзината примарна цел е да обезбеди:

Стабилно снабдување со квалитетна, безбедна храна за населението;
Пристапни цени и соодветен приход за земјоделците;
Модернизација и развој на земјоделското производство и
Модернизација и развој на руралните области.
Денес, особено внимание се посветува на подобрувањето на безбедноста и квалитетот на храната, заштита на животната средина, обнова и развој на руралните култури, зачувување на културните богатства и традиционалните обичаи. Се промовира рурален развој, вклучувајќи рурален туризам, традиционални занаети, подобрувања во инфраструктурата, како и производството на квалитетни органски и автохтони земјоделски производи.

ШТО ОПФАЌА ЗАЕДНИЧКАТА ЗЕМЈОДЕЛСКА ПОЛИТИКА:

Заедничката земјоделската политика на ЕУ вклучува бројни области и аспекти и се имплементира преку три клучни видови на мерки, кои го сочинуваат темелот на политиката. Станува збор за следните мерки:

Директни плаќања. Директните плаќања подразбираат дека, под одредени услови (животна средина и здравје на човекот, безбедност на храна, почитување на благосостојбата на животните, одржување на земјиштето во добра состојба или почитување на барањата за „позеленување “(greening)), земјоделците добиваат стимулации без оглед на тоа со кој вид на производство се занимаваат. Целта на овие стимулации е да се обезбеди стабилен приход без оглед на флуктуациите и неизвесностите на пазарот. Мерките се финансираат од Европски гарантен земјоделски фонд (EAGF).
Најновата програма која стартуваше од 1 јануари 2023 година подразбира буџетска рамка за период од 2023 – 2027 година. Станува збор за распределба на 270 милијарди евра од земјоделскиот буџет на ЕУ за 2023-2027 година. Според Комисијата, 34 милијарди евра се наменети исклучиво за еколошки и климатски цели и нови еко-шеми.
Пазарни мерки. Пазарните мерки имаат за цел да ги стабилизираат земјоделските пазари и да спречат ескалација на пазарните кризи (мерки на интервенција на пазарот) ; да ја зголемат побарувачката и да им помогнат на земјоделските сектори на ЕУ подобро да се прилагодат на пазарните промени. Неопходно е да се потенцира дека во оваа област, како во областа на директните плаќања, државите-членки не може да имаат свои национални мерки; наместо тоа, оваа политика се спроведува централно, на ниво на ЕУ. Мерките се финансираат од Европски гарантен земјоделски фонд (EAGF).
Политиката на рурален развој. Руралниот развој вклучува мерки потребни за развој на активности во руралните области кои придонесуваат за зајакнување на конкурентноста на земјоделството и шумарството како и за подобрување на биодиверзитетот на руралните области. Потребите и предизвиците во руралниот развој се адресираат преку национални и регионални програми на секоја држава-членка. Овие мерки се финансираат од Европскиот земјоделски фонд за рурален развој (EAFRD).