Финскиот телекомуникациски гигант Нокиа ќе укине меѓу 9.000 и 14.000 работни места до крајот на 2026 година за да ги намали трошоците. Соопштението беше објавено бидејќи компанијата пријави пад на продажбата од 20% во периодот меѓу јули и септември, пренесува Би-Би-Си.
Компанијата го обвини забавувањето на побарувачката за 5Г опрема на пазарите како Северна Америка. Во моментов има 86.000 вработени ширум светот, а од 2015 година компанијата укинала илјадници работни места. Нокиа сака да ги намали трошоците за помеѓу 800 и 1,2 милијарди евра до 2026 година.
Напредокот во вештачката интелигенција ќе има потреба од „значителни инвестиции во мрежи кои имаат значително подобрени способности“, рече извршниот директор Пека Лундмарк.
„Сепак, со оглед на неизвесниот тајминг на закрепнување на пазарот, сега преземаме решителни мерки“, рече тој.
Тој додаде дека сака да „дејствува брзо“ со намалување на трошоците за 400 милиони евра во 2024 година и 300 милиони евра во 2025 година. Лундмарк додаде дека и покрај „тековната неизвесност“, Нокиа очекува „подобрување во нашите мрежни бизниси“ во тековниот квартал.