Економија 06.09.2018 15:27

Нова серија ковани пари за колекционерски цели на НБРМ

Нова серија ковани пари за колекционерски цели на НБРМ

Народната банка на Република Македонија издаде и пушти во оптек нова серија ковани пари за колекционерски цели „Православни светци“.

Серијата ги содржи кованите пари „Св. Никола Чудотворец“, „Св. Серафим Саровски“, „Св. Сергиј Радонежски“ и „Св. Пантелејмон“.

На аверсот, во централниот дел на секоја од кованите пари е прикажан грбот на Република Македонија. Под грбот е прикажана годината на издавање „2018“. Во горниот дел на аверсот е наведена деноминацијата „10 денари“, а во долниот дел е името на земјата што ја издава кованата пара ‒ „Република Македонија“. На двете страни по должината на вертикалните рабови има цветен украс.

На реверсот, во централниот дел на секоја од кованите пари се наоѓа портрет на светецот чие име го носи, со испечатен златен ореол и украс на основата. Над портретот се поставени два кристала „сваровски“. По должината на вертикалните рабови е испишано името на светецот чиј портрет се наоѓа во централниот дел на парата. Во долниот лев агол е испишана ознаката „Аg 925“.

Овие ковани пари се изработени од сребро Ag925, со тежина на среброто од 7 г, чистота на среброто од 6,48 г, во правоаголна форма со димензии 17 х 24 мм, полирани се со тампон печатење со златна прашина и содржат кристали „сваровски“.

Цената на секоја од кованите пари за колекционерски цели од серијата „Православни светци“ изнесува 1.500,00 денари.

Кованите пари за колекционерски цели издадени од НБРМ се законско средство за плаќање во Република Македонија.