„Визер“ по третпат се пријави за државна помош. На денешното јавно отворање на понудите, унгарската нискотарифна компанија ги достави документите во 15 минути пред истекот на рокот. На огласот што пред еден месец го распиша Министерството за транспорт и врски немаше други понудувачи.
„Согласно роковите во тендерската документација, доколку се е во ред со доставените документи, очекуваме во август веќе да имаме потпишан договор за субвенции“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Доколу „Визер“ биде избрана и во следните три години да добива државна помош, компанијата ќе мора, покрај скопскиот, да го разработува и охридскиот аеродром. Оттаму во следните три години ќе треба да стартуваат четири нови дестинации, а најдоцна до ноември од Скопје да се воведат и два нови лета.
За секоја нова дестинација компанијата ќе добие по 40.000 евра. Освен за нови линии, пари ќе се исплаќаат и за секој превезен патник. За субвенции од Буџетот во следните три години се предвидени 5 милиони евра.
Од „Визер“ за Телевизија 24 велат дека остануваат во Македонија и работат на развивање на мрежата.
„Како што ќе додадеме повеќе авиони и дестинации, сообраќајот ќе се зголеми, а регионалните аеродроми ќе треба дополнително да се развиваат. Оваа година тимот на „Визер“ во Македонија порасна на 141 локални членови. Не само што го одредуваме развојот на аеродромите, туку исто така придонесуваме за локалната економија и туризам“ велат од „Визер“.
Македонската флота на Визер има четири авиони. Во моментот мрежата се состои од 40 рути до 14 земји и има капацитет од 1,63 милиони седишта.
„Визер“ веќе двапати беше избрана за компанија која добиваше државни субвенции. Во изминатите седум години доби 9,5 милиони евра.