Откако невладините организации вчера на протест застанаа против ДУИ за итно донесување на Законот за социјална заштита, се огласи и собранискиот спикер Талат Џафери дека законското решение предложено од Министерството за труд и социјална политика е вратено на доработка.
Невладините организации за овој потег прстот го вперија кон албанскиот политички блок.
Јавна тајна е дека ДУИ се спротиставило на укинувањето на правото на родителскиот додаток за трето дете, воведено во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Извори брифираат дека зад протестите на Македонската платформа против сиромаштија стоела министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска од СДСМ.
Од расположливите податоци на веб страна на платформата, може да се забележи дека Царовска пред да седне во министерската фотеља била претседателка на оваа чадор-организација.
Инаку, Царовска како министерка често се појавува во друштво на раководството на Македонската платформа.
Според нашите извори, протестот бил взаемно договорен за да се изврши притисок врз ДУИ да го прифатат законот. Албанците застанаа против укинувањето на права кои граѓаните веќе ги имаат остварено согласно постоечките закони.
Политички аналитичари коментираат дека секое ремодифицирање на родителскиот додаток за трето дете зад кои стои лично Царовска, е погубно за гласачкото тело на партијата на Али Ахмети.
Мила Царовска веќе отвори жестока војна со албанскиот политички блок и претставува една од најголемите пречки за албанскиот коалиционен партнер од Владата на Зоран Заев.
Али Ахмети, Артан Груби и Бујар Османи свесни за штетата која министерката Царовска ја направи со неколку нејзини постапки дури и јавно проговорија за непромисленоста од нејзиното министерување.
Прашање е дали Царовска во очи на вчерашниот протест, одбра да биде на службен пат во САД, како алиби дека нема поврзаност со протестите организирани против ДУИ?