На Волстрит вчера индексот С&П 500 достигна нови рекордни нивоа, исто како и Насдак, што најмногу се должи на натамошниот раст на цените на акциите во технолошкиот сектор.
Дау Џонс загуби 0,17 отсто, на 38.647 поени, додека С&П 500 зајакна 0,23 отсто, на 5.433 поени, а Насдак зајакна 0,34 отсто, на 17.667 поени.
По четири дена раст, С&П 500 и Насдак осгнаа нови рекордни нивоа. Во исто време, најмногу пораснале цените на акциите на производителите на чипови и технолошки компании, во просек за околу 1,5 отсто.
Најголем поединечен добитник беше „Броадком“ (Broadcom), кој доби повеќе од 12 отсто, откако производителот на чипови ги зголеми прогнозите за приходите, а цената на акцијата на „Нвидиа“ значително порасна, за 3,5 отсто.
Акцијата на „Тесла“ имаше малку повисок ценовен скок, за 2,9 отсто, откако акционерите на компанијата го одобрија компензациониот пакет на Илон Маск од 56 милијарди долари.
„Сè уште е во голема мера приказна за технолошките акции, бидејќи кога ќе го погледнете поширокиот пазар, не го гледате учеството што би сакале да го видите на поздрав пазар“, рече Пол Нолте, аналитичар во Марфи и Силвест.
Најновите податоци за зголемувањето на бројот на Американци кои побараа бенефиции за невработеност минатата недела и неочекуваниот пад на цените на производителите во мај ги поддржаа надежите на инвеститорите дека американската централна банка сепак може да ги намали каматните стапки оваа година повеќе од проценетото.
ФЕД, всушност, в средата бави проценки според кои ќе ги намали каматните стапки само еднаш до крајот на годината, бидејќи инфлацијата и понатаму е значително повисока од целното ниво од 2 отсто.
На европските берзи, пак, вчера паднаа цените на акциите. Лондонскиот ФТСЕ индекс се лизна за 0,63 отсто, на 8.163 поени, додека франкфуртски Дакс (DAX) потона за 1,96 отсто, на 18.265 поени, а париски ЦАЦ (CAC) 1,99 отсто, на 7.708 поени.