Банкарство 17.10.2023 09:37

Новите перпетуални обврзници на УНИ Банка со камата од шест проценти

Новите перпетуални обврзници на УНИ Банка со камата од шест проценти

УНИ Банка АД Скопје доби дозвола од Комисијата за хартии од вредност да ја издаде третата емисија на 1.350 перпетуални обврзници.

Продажната цена е еднаква на номиналната. Конкретно, вредноста е илјада евра по обврзница, па вкупната вредност на понудата изнесува 1.350.000 евра.

Обврзниците имаат фиксна каматна стапка од 6 проценти на годишно ниво за првите пет години од датумот на издавање. По тој период каматната стапка се зголемува за два процентни поени и ќе изнесува 8 проценти на годишно ниво.

„Согласно одлукатa, издадениот капитален инструмент ќе се користи како дополнителен основен капитал од ниво 1, а средствата од емисијата ќе се користат за општи корпоративни цели, односно за поддршка на кредитниот пораст на банката“, информираат од КХВ по седницата што се одржа денес.

Обврзницата што се издава е некумулативна, неконвертибилна, пренослива, субординирана, необезбедена, трајна и со фиксна каматна стапка. Исто така, обврзниците не се гарантирани, односно не се покриени со друг вид на обезбедувања од страна на банката или лице поврзано со банката.