Банкарство 01.03.2024 09:04

Образложение кон финансиски резултат на СТББТ

Образложение кон финансиски резултат на СТББТ

На глобален план, нарушеното економско и политичко опкружување како резултат на воениот конфликт во Украина и на Блискиот Исток беше фактор за претпазливо водење на монетарната политика од страна на централните банки во светот. Во Македонија, по историски високата просечна стапка на инфлација од 14,2% во 2022 година, таа во 2023 година изнесуваше 9,4 %, повторно над историскиот просек од околу 2 %. Во вакви услови, а притоа следејќи ги сигналите во глобалната економија, економијата на еврозоната и домашните услови, НБРСМ во првите три квартали од претходната година продолжи со затегање на монетарната политика. Во последниот квартал од 2023 година, по сигналите за забавување на инфлацијата и надолни придвижувања на цената на енергенсите, НБРСМ ги задржа непроменети каматните стапки на благајничките записи и депозитите во НБРСМ, со што прекина трендот на континуирани рестриктивни монетарни мерки.

Стопанска банка а.д. Битола во вакви услови на економска активност дејствуваше во насока на остварување на краткорочните финансиски и долгорочните стратешки цели, применувајќи флексибилен пристап кон промените во домашното и глобалното макроекономско опкружување. Во 2023 година, Банката ја засили високата капитална и ликвидносна позиција, односно стапката на адекватност на капиталот изнесуваше 22 %, високо над просекот на банкарскиот систем (18,4 % во Кв.3 2023 год.), а стапката на ликвидна актива во вкупна актива достигна 34,0 % (21,5 % во Кв.3 2023 год.), што повторно е над просекот од банкарскиот систем.

1. Финансиски перформанси на Банката
Во периодот 1.1.2023 – 31.12.2023 година, Банката оствари исклучително позитивен резултат од оперативното работење, односно оствари добивка пред исправка во износ од 146,44 милиони денари, што претставува годишен раст од 50,79 % во споредба со 2022 година. Во услови на раст на каматните стапки во економијата под влијание на растот на каматната стапка на благајничките записи на НБРСМ како референтна каматна стапка, Банката оствари значителни нето-приходи од камата, што паралелно со политиката за оптимизација на оперативните трошоци придонесе за позитивноостварување во оперативното работење. Соодносот на оперативни трошоци и оперативни приходи се намали на 73,75 % во 2023 година, од 80,83 % во 2022 година. Наспроти значително подобрениот оперативен резултат, кумулирањето на нефункционални кредити во претходниот период поради слабата проценка на кредитниот потенцијал на клиентите при одобрување на кредитите, услови зголемен износ на нефункционални кредити, за којшто беа издвоени резервации во износ од 334,48 милиони денари. Во вакви околности и во пресрет на измената во Одлуката за методологијата на управување со кредитен ризик, чија важност е од 1.1.2024 година, Банката започна процес на значајно дисциплинирање на клиентите за навремено подмирување на обврските,процес на забрзана наплата на нефункционалните кредити и на продажба на преземениот имот, што резултираше со позитивни ефекти до крајот на годината.

Нето-приходите од камати во 2023 година бележат зголемување за 34,71 %, односно се повисоки за 116,25милиони денари во однос на минатата година. Приходите од камати се повисоки за 143,86 милиони денари, односно 32,72 %, додека расходите за камати бележат годишно зголемување од 27,61 милиони денари, односно 26,36 %во услови на значајно проширување на депозитната база поради растот на долгорочното денарско штедење на физичките лица. Остварувањето во оваа позиција значајно го надминува планот за 2023 година за 24,57 %.

Нето-приходите од провизии и надоместоци се пониски за 17,30 милиони денари, односно за 12,02 %споредено со 2022 година. Притоа кај приходите од провизии и надоместоци беше евидентирано годишно намалување од 7,93 милиони денари, додека расходите пораснаа за 9,36 милиони денари. Остварувањето на планот за 2023 година во оваа позиција изнесува 83,92 %.

Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 23,53 милиони денари и не бележат значајни годишни промени во апсолутен износ, а планот за 2023година е остварен со 87,15 %.

Останатите приходи од дејноста се пониски за 15,43милиони денари споредено со 2022 година, кога беа остварени поголеми капитални добивки од продажба на преземен имот. Планот за 2023 година во оваа позиција е реализиран со 65,10 %.

Според проценките за квалитетот на кредитното портфолио и в пресрет на измената на Одлуката за управување со кредитен ризик, која стапи на сила од 1.1.2024 година, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесува -334,48милиони денари. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа изнесува -1,78милиони денари, што во целост произлегува од оштетување за преземениот имот.

Трошоците за вработените бележат зголемување од 17,21 % во споредба со претходната година, додека планотза анализираниот период кај оваа позиција е остварен со 106,47 %. Останатите расходи од дејноста се повисоки за 4,19 %, а реализацијата на планот за 2023 година изнесува 96,87 %. Амортизацијата е пониска за 8,23 % на годишна основа, а планот е остварен со 86,09 %.

2. Промени во сметководствените политики и методи на вреднување
Во периодот 1.1.2023 – 31.12.2023 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување.

3. Дивиденди
Во согласност со Одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишната сметка за 2022 година на Стопанска банка а.д. Битола, усвоена на седницата на Собранието на акционери одржана на 4.5.2023 година, Банката не исплати дивиденда за 2022 година.

4. Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30 % од вредноста на средството во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Недвижностите и опремата бележат намалување од 4,37% во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2022 година.

5. Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30 % во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Обврските по кредити бележат намалување од 27,94 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2022 година.

6. Очекувања за претстојниот период
Во периодот што следува Банката очекува постепеностабилизирање на макроекономското опкружување и умерено нагорно придвижување во економијата. Како фактор на ризик за очекуваното макроекономско стабилизирање, сепак останува неизвесноста околу движењето на инфлацијата, цените на енергенсите, потенцијалното зголемување на каматната стапка на благајнички записи доколку нема позначајно намалување на инфлацијата и потенцијалните економски реперкусии од развојот на ситуацијата во Украина и на Блискиот Исток.

Во согласност со Деловната политика, развојниот и финансискиот план, Банката и во идниот период ќе биде насочена кон прудентно, стабилно и профитабилно оперативно работење со фокус на јакнење на депозитниот потенцијал, понатамошно подобрување на вкупната актива преку засилено преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити,продажба на преземен и сопствен имот, подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и контрола на трошоците. Воедно, Банката ќе настојува да ја одржи динамиката на раст на приходните позиции во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде предуслови за профитабилно работење во согласност со планираните цели. ()