Актуелно 25.01.2024 13:27

Од 1 март кај сака да работи низ Отворен Балкан, не му требаат дозволи за странци

Од 1 март кај сака да работи низ Отворен Балкан, не му требаат дозволи за странци

Од 1 март стартува заедничкиот пазар на труд меѓу Македонија, Албанија и Србија. Протоколите се потпишани на состанокот на лидерите од регионот во Скопје. Ова значи дека за нешто повеќе од еден месец, работниците слободно ќе се движат низ трите земји, односно ќе бараат работа и ќе се вработуваат без вообичаената процедура за странски работници.

Иницијативата за слободен проток на луѓе и стока веќе станува сè поголема реалност меѓу земјите од Отворен Балкан. Лидерите на сите три земји со единствена реторика ветуваат дека регионалната соработка ќе резултира со подобрување на животниот стандард и со подобра бизнис клима како за домашните така и за странските компании, како и решавање на проблемот со недостиг на работници затоа што се креира заеднички пазар на труд од околу 11 милиони учесници.

Нашите стопанственици, пак, не гледаат дека во иднина, во земјава, ќе има некое сериозно поместување на пазарот на труд, но како добра вест се смета дека полесно може да се обезбедат некои дефицитарни кадри.

– Нашите работници обично повеќе се заинтересирани за сезонска работа во Хрватска. Од Албанија кај нас повеќе доаѓаат за сезонска земјоделска работа. Србија со нас е слична и во однос на просечната плата и во однос на минималната плата. Така, ќе има некаква миграција, но не може да се очекуваат никакви посериозни поместувања на пазарот на трудот – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавци на Македонија.

Ниту странските инвеститори не очекуваат дека некој поголем инвеститор ќе дојде во Македонија а да обезбедува работна рака од Србија или од Албанија.

– Протокот на луѓе е нешто што е нормално во Европа и ние како земја што цели кон членство кон ЕУ, очекувано е да имаме слободен пазар на труд со соседите. Од автомобилската бранша во која сум јас, може да кажам дека и сега има наши работници што работат во Србија, но не гледам дека од Србија доаѓаат да работат кај нас, особено од техничкиот кадар. Кај нас е голем проблем мобилноста, сите сакаат да работат во главниот град, а со оглед на инфраструктурата, присуството на глобалните компании и платите, нашите работници веројатно повеќе би сакале да работат во Ниш или во Врање, отколку да патуваат до некој друг град низ државава каде што би се изградила фабрика – вели Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори.

Институтот за економски политики и развој „Фајненс тинк“ потенцира дека „слободното движење на работната сила е од особена важност за регионот ако се земе предвид недостигот од работната сила и вештини во повеќе сектори“. Оттаму изготвија посебна анализа за тоа како ќе се движи работната сила во рамките на Отворен Балкан.

„Кога лице од Србија или Албанија би се регистрирало на македонската платформа за е-услуги, предвидено е во рок од две недели преку Министерството за внатрешни работи да се обезбеди електронска дозвола за престој. Агенцијата за вработување би имала целосен електронски увид во сите регистрирани лица со ‘Open Balkan ID’ на македонската платформа за е-услуги, со што се олеснува пријавувањето во системот на вработени. Оттука, за работодавците се намалуваат административните процедури за вработување граѓани од земјите потписнички, освен регуларното пријавување што се однесува и за домашната работна сила“, објасни „Фајненс тинк“.

Српскиот министер за информации и телекомуникации Михаило Јовановиќ деновиве изјави дека трите држави ќе создадат единствена база на податоци за сите граѓани и сите слободни работни места и дека националната служба за вработување е составен дел на тој голем систем.

Србите се плашат дека ќе им ја намалиме цената на трудот

Секретарот на Советот на Сојузот на независни синдикати на Србија, Зоран Михајловиќ, изјави дека слободниот проток на работна сила во земјите од Отворен Балкан, ќе ѝ донесе најголема штета на Србија бидејќи ќе ја намали цената на домашна работна сила.

– Работниците од Албанија и Северна Македонија, кои нема да можат да одат во Западна Европа, туку ќе одлучат да дојдат во Србија, ќе ја намалат цената на работната сила за локалните работници, така што егзодусот во Европа ќе продолжи, не само на нашите експерти, туку и на помалку квалификуваната работна сила – изјави Михајловиќ за агенцијата Бета. ()