Актуелно 01.07.2024 13:34

Од данок на јаглерод Македонија може да инкасира до 730 милиони евра годишно

Од данок на јаглерод Македонија може да инкасира до 730 милиони евра годишно

За да ги ограничи емисиите на стакленички гасови, Македонија што поскоро треба да воведе данок на јаглерод и на тој начин да собере значителни приходи за државниот буџет, потенцијално до 730 милиони евра годишно.

Ова го нагласува Светска банка во новиот извештај насловен „Преглед за климатските јавни финансии на Северна Македонија“. Данокот на јаглерод е алатка која ја користи моќта на пазарот за да ги намали емисиите што придонесуваат за климатските промени.

Во извештајот се нагласува дека Македонија, како и другите земји од Западен Балкан, се соочува со сѐ поголеми предизвици од природни опасности што влијаат на животите, го попречуваат растот и ги оптоваруваат јавните финансии.

– За да се подготви за овие закани поврзани со климатските промени и за да продолжи со пристапувањето во Европската Унија, земјата треба да преземе низа реформи. Според извештајот „Преглед за климатските јавни финансии на Македонија“, подготвен од Светска банка, во изминатите 50 години, Македонија забележала значителен пораст на бројот на поплави, екстремни топлотни бранови, пожари и обилни врнежи. Само во последните две децении, земјата се соочила со 12 катастрофи поврзани со климатските промени, кои погодиле 1,3 милиони луѓе. Со растот на глобалното затоплување, се очекува да се влоши ситуацијата во наредните години – велат од Светска банка.

Директорот на Канцеларијата за Светска банка за Косово и за Македонија, Масимилијано Паолучи, преземањето итни активности за ублажување и за приспособување на климатските промени е приоритет, но потребни се и сет политики и значителни инвестиции.

– Се очекува да се интензивираат климатските влијанија, заедно со емисиите на стакленички гасови, со што земјата ќе биде потопла и посува и ќе се соочи со почести и посилни поројни дождови, кои ќе доведат до поплави – вели Паолучи.

Извештајот ја нагласува важноста на паметните фискални политики за апсорпција на загубите поврзани со климатските промени и поддршка на одржливиот економски развој.

– Даночната политика, на пример, би можела да ги поттикне зелениот транспорт и одржливите технологии со отстранување на крајните субвенции за електричната енергија на јаглен, а истовремено да ги заштити ранливите домаќинства од зголемените трошоци за енергија. Означувањето на буџетот за климатски промени и процесите на зелени набавки може да ги намалат економските трошоци и да ги заштитат јавните финансии – велат од Светска банка.

Со оглед на тоа што Македонија има цел да ѝ се приклучи на Европската Унија и да се усогласи со нејзините цели за нула емисии, извештајот ја нагласува важноста на поддршката на зелената транзиција на земјата преку мерки на фискалната политика.

Данокот на јаглерод, всушност, значи дека се плаќа надоместок за секој тон емисии на СО2. Надоместокот може да се наплаќа за енергенси како јаглен, нафта и природен гас (врз основа на очекуваните емисии од тие горива) или врз основа на мерењата на СО2 емитирани од најголемите извори на загадување како што се електраните.

И во двата случаи, данокот на СО2 ќе обесхрабри активности кои создаваат големи количини СО2 и ќе овозможи поповолни услови за воведување на сите други алтернативни енергенси кои имаат ниски емисии или воопшто не емитуваат јаглерод.

Во енергетиката, електраните што користат горива што се повеќе јаглеродно-интензивни (како, на пример, јагленот и мазутот), би платиле повисок данок на јаглерод по единица потрошена енергија од оние што користат природен гас. Изворите што се потпираат исклучиво на обновлива енергија (на пр., сончевата или ветерната енергија, хидроенергијата), не би биле оданочени.

Изворите на емисии кои ќе плаќаат данок на јаглерод ќе имаат силна мотивација да инвестираат во нискојаглеродни решенија што чинат помалку од данокот, како што се мерките за енергетска ефикасност и технологиите со помала емисија на штетни гасови. Ваквите инвестиции ќе доведат до намалување на трошоците и ќе ја подобрат економската конкурентност на субјектот.

Крајните потрошувачи, како што се домаќинствата и трговските објекти, исто така ќе бидат мотивирани да ги намалат своите емисии. Ќе бараат начини да користат помалку електрична енергија преку поголема ефикасност и заштеда на енергија. Тие, исто така, би имале природен поттик да го намалат јаглеродниот интензитет на производите што ги купуваат.

Со потпишување на Договорот од Париз, Македонија се обврза на амбициозна цел: до 2030 година да ги намали емисиите на стакленички гасови за 51 % во споредба со емисиите од 1990 година. Покрај тоа, за пристапување во ЕУ, на крајот ќе биде потребно учество на европскиот пазар на јаглерод, односно учество во системот за трговија со емисии на ЕУ (ЕУЕТС).

ЕУЕТС ги ограничува емисиите на стакленички гасови од производството на електрична енергија, од индустријата и од националното воздухопловство со доделување ограничен број емисиски единици што можат да се купат и продаваат меѓу учесниците. Изворите на емисии ја плаќаат пазарната цена за да купат доволно емисиски единици за да ги покријат своите емисии.

Оваа цена во моментов е околу 45 евра за тон емисии на СО2 и се очекува до 2030 година да биде меѓу 56 и 89 евра за тон. Предноста на ЕТС е што нивото на емисии е извесно (ограничено со вкупните достапни емисиски единици), иако трошокот за исполнување на барањата не е.

Најнови вести