Финансии 19.06.2024 12:21

Огромни предизвици пред Димитриеска Кочоска која застанува на чело на министерството за финасии

Огромни предизвици пред Димитриеска Кочоска која застанува на чело на министерството за финасии

Економија на колена, огромна буџетска дупка , јавен долг над 8 милијарди – што наследува новата министерка за финансии ? Она што во моментов се случува со државната каса, е далеку поразлично од состојбата која ја наследи ВМРО – ДПМНЕ во 2006-та година.

Гордана Димитриеска Кочоска во улога на чувар на државната каса пред себе има огромен предизвик – вели дека првите сто дена ќе се посветат на анализи каде се трошеле парите, какви се состојбите и како дошло до ваква ситуација. До крај на јули е планиран ребаланс на Буџет, затоа што парите во касата моментално се лошо испланирани.

-Во тој период имавме јавен долг од една милијарда и 800 милиони евра, за споредба ако ги видите податоците во првиот квартал од 2024 година ќе видите дека имаме долг од 8 милијарди и 770 милиони евра, што е вознемирувачко. Состојбата е многу лоша, гледаме од аспект на она што е за нас како економисти многу значајно, тоа е стапката на раст на БДП . Во тој период ако до 2006-та сепак сме имале позитивни и повисоки стапки на раст , назадуваме или воопшто немаме раст, вели за Алфа Гордана Димитриеска Кочоска.

Во првата година од мандатот ќе треба да се направи фискалната стратегија и стратегијата за управување со јавниот долг и ќе се работи да се поврзуваат тековно податоците од УЈП и Царина за да нема понатамошни злоупотреби со наплата на даноци. Ребалансот на буџетот ќе мора да се направи во брзо време зошто моментално, според неофицијални податоци недостигаат околу 120 -150 милиони евра кои не се испланирани, а се однесуваат за тековни трошоци.

Мора да ја знаеме структурата во делот на даноците по дејности, независно дали станува збор за ДДВ , персонален данок, данок на добивка, со цел да видиме секоја дејност како учествува, што се случува и нормално борбата со сива економија, кога зборувам за поврзување за двата системи, Царина и УЈП суштината е да ја спречиме сивата економија, вели Кочоска

Во иднина нема да се дозволи да се префрлаат пари под ставка на капитални инвестиции кои завршуваат како непродуктивни трошоци, односно тие пари одат за тековни трошоци на претпријатијата под капа на државата.

-Многу внимателно ќе работиме и ќе ги контролираме сите останати институции, кога пополнуваат налози или кога реализираат налози, да се внимава за каков трошок станува збор, да се употреби контото , тоа значи соодветно прикажување на финансиските извештаи на државата . Ние во овој момент живееме во лага , можам слободно тоа да го кажам, ако вие давате на некоја компанија средства како капитален трансфер, а таа компанија понатаму ги троши да купи јаглен или да исплати плата , тоа не е капитална инвестиција , додава Кочоска

Димитриеска Кочовска е експерт во областа на финансиите . Има искуство во финансискиот консалтинг, била дел од банкарскиот сектор , а во приватниот сектор работела во секторот даноци. Таа беше и во претходната техничка Влада како заменик министер кога на чело на финансии беше Нина Ангеловска, а одреден период била и директор за финансии во ЕЛЕМ.