Актуелно 19.09.2024 08:32

Охрид ја менува стратегијата за туризам – еве на што ќе биде фрлен фокусот

Охрид ја менува стратегијата за туризам – еве на што ќе биде фрлен фокусот

Охрид, со сета своја неповторлива природна убавина и богато културно наследство, долго време е магнет за туристи од целиот свет. Сепак, во последните години се забележува потреба од нов пристап кон туризмот, кој ќе ги земе предвид современите предизвици и ќе ги искористи можностите за одржлив развој.

Како што најави и самиот охридси градоначалник Кирил Пецаков, новата стратегија за туризам во Охрид треба да се фокусира на креирање уникатни искуства, кои ќе ги промовираат локалните вредности и ќе ги заштитат природните и културните ресурси.

„Дефинитивно, треба да се направи Стратегија за туризам, но тука Општина Охрид не е стручна, тука треба соработка не само со Факултетот за туризам, туку и со многу луѓе кои се со години во туризмот. Во наредниот период ќе имаме една дебата каде што конкретно би презеле конкретни чекори, а ќе ја иницираме преку секторот за туризам и локален развј на којашто ќе бидат поканети експерти од туризмот и се надевам дека ќе дојдеме до еден финален документ“, изјави Пецаков.

Според експертите, избегнувањето на масовниот туризам и преориентацијата кон алтернативни форми на туризам може да придонесе кон подобрување на квалитетот на услугите и продолжување на туристичката сезона.

„Со тоа, Охрид би можел да привлече посетители кои се во потрага по автентични искуства, како што се рекреација и релаксација во природа, истражување на културното наследство и учење за историјата и традицијата на регионот. Ова н само што ќе обезбеди поголем економски бенефит за локалната заедница, туку и ќе ја заштити уникатноста на Охрид како светско наследство. Според искуствата од други дестинации, алтернативниот туризам може да биде клучен за одржливиот развој. Тој овозможува поголем дел од приходите да останат во локалната економија, додека истовремено ги заштитува природните и културните вредности“, коментираат експертите.

Во Охрид, додаваат тие, ова може да се постигне преку развој на еко-туризам, културен туризам и образовен туризам, кои ќе ги искористат ресурсите н регионот на одржлив начин.

„За да се реализира оваа визија, потребно е ангажирање на сите заинтересирани страни – од локалните власти и заедницата, до приватниот сектор и меѓународните партнери. Со заеднички напори и стратегиски планирање, Охрид може да го претвори својот туристички потенцијал во одржлива реалност, која ќе ги задоволи потребите на сегашните и идните генерации“, велат познавачите.