Актуелно 21.01.2019 18:20

Општините не ги почитуваат препораките – продолжуваат градежните активности и покрај високото загадување

Општините не ги почитуваат препораките – продолжуваат градежните активности и покрај високото загадување

Скопските општини не ги почитуваат препораките на градската администрација. И покрај екстремното загадување дозволуваат на терен се уште да траат градежните активности. Камерата на 1ТВ регистрираше неколку случаи, каде во повеќе општини во Скопје продолжуваат градежни работи на објектите. Ова се коси со одлуката на администрацијата на Шилегов која реши да ги стопира градежните активности кои се под нивна надлежност, токму поради високото аерозагадување, објавува 1ТВ.

Во вчерашното гостување во централниот дневник на 1ТВ, портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиу изрази надеж дека останатите градоначалници ќе тргнат по стапките на градската администрација, но тоа се уште не се случи.

– Секако дека има соработка меѓу градоначалникот на град Скопје и другите градоначалници. Преку летото имавме неколку акции каде што со самите општини ги чистевме истите, успеавме да собереме голем куп на смет што е резултат на нечистењето со години на истите општини. Секако дека во овие денови тоа што е Комунална хигиена работи за град Скопје и ги чисти булеварите и затоа апелираме до сите градоначалници да го следат примерот на град Скопје, поинтензивно да работат на тоа што е нивна надлежност. Не само чистењето на улиците туку и градењето, изјави Салиу.

Но освен градските власти мерки за загадувањето донесе и Владата. Со нив се предвидува сите органи на државната управа, агенциите, фондовите, јавните претпријатија во државна сопственост и општините да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила. Се препорачува работодавците да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, прележан инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.