Живот 08.03.2024 08:04

Осмомартовски хуманитарна акција во ОУ „Свети Кирил и Методиј“ во Гази Баба

Осмомартовски хуманитарна акција во ОУ „Свети Кирил и Методиј“ во Гази Баба

Родителите, во соработка со наставничките и директорката на основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ во Гази Баба, Скопје, одлучија средствата што ги собрале за 8 Март за наставничките да ги донираат во хуманитарни цели, конкретно за Леонид, и сакаат оваа осмомартовска практика да стане традиција.

Одбележуваме уште еден 8 Март – Меѓународниот ден на жената каде што фокусот треба да е поставен на борбата за економска, политичка и социјална еднаквост на жените. Сепак, ситуацијата на терен е далеку поразлична. Она што преовладува деновиве е шаренолика понуда на подароци на социјалните мрежи, трговски центри, продавници за подароци, креативни идеи за жените (мајки, баби, свекрви, наставнички…). Приматот за највредни, најзаслужни жени, според буџетот и скапоценоста на подароците, како и секоја година го носат наставничките. Освен што им се дава погрешна претстава на децата, веќе има и саркастични „твитови“ од типот „на 8 Март најмногу ќарија наставничките…“ Невкусни шеги кои воопшто не ги заслужуваат жените од образовниот сектор. Тие ниту ги бараат, ниту алудираат на подароци и се ставени во некоја чудна позиција ниту да одбијат ниту да го примат подарокот. „Трката“ за што е можно повреден, покреативен подарок од родителите не престанува. Наставничките ни споделија дека се оди до такви суми што им е непријатно да ги примат, па наоѓаат начини поинаку и порационално да се искористат средствата.

Едно такво училиште, со целиот женски колегиум, по неколкугодишни обиди конечно успеа парите што родителите сакаат да ги потрошат за подароци за наставничките да ги донираат онаму каде што е најпотребно. Оваа година средствата ќе се донираат за Леонид Индов, кој има сериозна повреда на ’рбетот и се потребни 200.000 евра за третманот.

– Конечно успеавме да најдеме решение за да се намали, спречи практиката со носење подароци за наставничките по повод 8 Март. Родителите, во соработка со мене, беа писмено известени доколку планираат да купуваат подароци или да подаруваат ваучери за наставничките, тие пари да ги донираат за Леонид. Намерата е оваа иницијатива да прерасне во традиција и секоја година средствата да бидат наменети за хуманитарни цели. Секогаш има на некој да му се помогне. Подароците за наставничките почнаа да излегуваат од колосек. Невкусни муабети кружат за наставничките, како тие да ги бараат или очекуваат подароците, што е сосема неточно. Затоа оваа идеја ни се виде како коректна и наидовме на разбирање и од колегиумот и од родителите. Среќни сме што ќе можеме да помогнеме онаму каде што е потребно сите заедно – ни сподели Елена Антонова, директорка на Општинското основно училиште „Свети Кирил и Методиј“.

Преку ваквата иницијатива, тие не само што ќе ја постигнат главната мисија на Меѓународниот ден на жената, туку ќе им дадат и позитивен пример на децата, учениците, од мали нозе да ја изградат најчовечната особина – хуманоста.

– Ова е само чекор плус да ги учиме децата да прават добри дела, да помагаат секому и секогаш на каков било начин, без разлика на вера и нација. Нашите ученици и наставници, кои секогаш ја имаат најголемата поддршка од родителите, нема да застанат овде. Веќе планираме нова хуманитарна акција преку која ќе донираме средства онаму каде што ќе бидат најпотребни – истакнуваат од училиштето „Свети Кирил и Методиј“.

()