Економија 07.12.2023 09:09

Остриот пад на цената на нафтата го турна Волстрит

Остриот пад на цената на нафтата го турна Волстрит

На Волстрит вчера паднаа берзанските индекси, што најмногу е последица на притисокот врз енергетскиот сектор поради наглиот пад на цената на нафтата, но и падот на цените на акциите на неколку технолошки гиганти.

Dow Jones загуби 0,19 отсто, на 36.054 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,39 отсто, на 4.549 поени, а индексот Nasdaq загуби 0,58 отсто, на 14.146 поени.

Вчера најмногу падна индексот S&P на енергетскиот сектор, 1,6 отсто, бидејќи цената на нафтата потона за 4 отсто, по податокот дека залихите на бензин во САД минатата недела значително се зголемиле.

Тоа укажува на слабост на потрошувачката, односно на слабеење на побарувачката на „црното злато“. што може да предизвика дополнителен пад на цените. S&P индексот на ИТ секторот, пак, падна за 0,9 отсто, што е последица на падот на цените на акциите на технолошките гиганти, како Nvidia, Microsoft и Amazon.

„Заладување“ на пазарот на труд во САД
Агенцијата за вработување ADP вчера извести дека во ноември во американскиот приватен сектор се отворени 103.000 нови работни места, што е помалку од очекуваните 130.000. Со тоа се потврдува тезата за „заладување“ на пазарот на трудот, што треба да доведе до побавен раст на платите и потрошувачката, а со тоа и до дополнително ублажување на инфлацијата.

Тој извештај ги поддржува проценките дека американската централна банка го завршила циклусот на затегнување на монетарната политика, па речиси никој не очекува челниците на ФЕД да ги зголемат каматните стапки на состанокот следната недела.

Но, тие проценки веќе се вградени во цените на акциите, и како резултат на тоа, индексот S&P 500 скокна за речиси 9 отсто до највисокото ниво во годината во ноември.

Останува да видиме што ќе направи ФЕД
Меѓутоа, во последните денови се тргуваше додека инвеститорите шпекулираат кога ФЕД би можел да започне со намалување на каматните стапки. Пооптимистичките аналитичари проценуваат дека ФЕД би можел да започне со олабавување на монетарната политика веќе во март, додека пореалните тоа го очекуваат кон средината на следната година.

Сепак, тоа ќе зависи од трендот на инфлацијата и економијата во наредните месеци. Еден патоказ ќе биде официјалниот извештај на владата за вработувањето во САД во ноември, кој ќе биде објавен во петок.

И на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE индекс се зголеми за 0,34 отсто, на 7.515 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,75 отсто, на 16.656 поени, а париски CAC 0,66 отсто, на 7.435 поени. ()