Возењето со брзина над дозволената, како и техничката неисправност на автобусот на „Дурмо Турс“ се главните причини за сообраќајката кај Ласкарци во која загинаа 15 лица, а 39 беа повредени.
Ова го утврдила едномесечната истрага на Основното јавно обвинителство Скопје за катастрофалната сообраќајка. Како што денес соопшти на прес-конференција обвинителот Сашо Рајчев, за сообраќајката приведени се 6 лица, меѓу кој и возачот на автобусот.
Основното јавно обвинителство Скопје ги гони приведените за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Овие лица, како што соопштија од обвинителството во моментов се во полициска станица, по што ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Основсниот суд Скопје 1 и за нив обвинителството ќе бара мерка притвор.
За седмиот осомничен кој издал документација дека работи тахометарот, иако не била направена проверка, ОЈО ќе бара мерки на претпазливост. Тој ќе одговара за несовесно работење во служба.