Во пресрет на периодот кога, по традиција, во Македонија се подготвува зимница, проценка на земјоделците е дека откупната цена на индустриската пиперка, која се користи за подготовка на ајвар, ќе биде околу 50 денари. Земјоделците посочуваат дека овој износ ќе биде поголем во малопродажбата и ќе зависи од висината на маржата што ќе ја определат трговците.
Производителите на градинарските култури засега не очекуваат промена на цените на доматите, пиперките и краставиците, кои сега се продаваат за суми од 70 до 100 денари, но, сепак, оставаат простор за евентуални измени.
Производителите на раноградинарски култури, како и на пченица и на јачмен произведени под контролирани услови, деновиве добија три нови мерки за поддршка. Како што посочуваат, на овој начин се надоместува разликата помеѓу производната и продажната цена за периодот кога беше актуелна владината мерка за замрзнување на цените на овошјето и на зеленчукот.