Актуелно 03.06.2020 09:44

Овој викенд голем број општини одат во карантин?

Овој викенд голем број општини одат во карантин?

Овие два дена Комисијата за заразни болести, анализирајќи ја состојбата, како што велат, од час во час, можно е да препорача, претстојниов продолжен викенд, дел од општините, од каде во изминативе два дена имаше најголем број на заразени, да бидат под рестриктивни мерки на движење, односно повторно да биде воведен полициски час.

Инаку, овие два дена бројот на заразени од корона вирусот е највисок од почетокот на епидемијава. Завчера беа регистрирани 89, а вчера 76 нови случаи на заразени. Министерот за здравство, Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција изјави дека новозаразените се од познати кластери од неколку скопски општини, Чаир, Бутел, Сарај, Аеродром, како и од Штип, Тетово…

Сепак тој истакнува евентуалното воведување полициски час во овие општини не би било задоцнета мерка.

– Рестрикциите и забраните се непожелни и можеме да ги избегнеме доколку ги почитуваме препораките, истакна министерот Филипче на вчерашната прес-конференција.

Во текот на овие денови се очекуваат и резултати од масовните тестирања кои се спроведуваат во Штип, пред се на работниците од петте конфекциски фабрики, како и во Тетово.