Бел автомобил Ламборџини Хуракан , подарен од компанијата лани на папата Францис, беше продаден на аукција за 715 000 евра, пренесе ТАСС, повикувајќи се на италијанската агенција АНСА. Почетната цена на автомобилот беше 183.000 евра.
Аукцијата се одржала во аукциската куќа Сотби во Монако. Приходите од него ќе бидат за добротворни цели, особено за поддршка на враќањето во Ирак на бегалците христијани, кои беа принудени да ги напуштат своите домови поради терористичката организација Исламска држава, минатата година.
По добивањето на возилото во ноември минатата година, папата веднаш одлучил да го продаде на аукција. До спроведување на тендерот колата можеше да се види во музејот на Ламборџини во градот Болоња. Пред извесно време папата на подарок добил и мотоцикл Харли Дејвидсон, кој исто така беше продаден на аукција.
Луксузниот автомобил е во бела боја, со златножолти детали во чест на државниот симбол на Ватикан.