Актуелно 18.06.2019 13:08

Пендаровски ја започна, Заев ја продолжи очајната ПР стратегија

Пендаровски ја започна, Заев ја продолжи очајната ПР стратегија

Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев летаа со редовни авионски линии бидејќи владиниот авион е на сервис. Тие минатата недела на своите профили на социјалните мрежи објавија слики како седат во економска класа во комерцијални авиокомпании.

Од Службата за општи и заеднички работи на Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека авионот „лирџет 60“ не е во земјава туку на редовен сервис во Нирнберг, Германија.

„Не станува збор за никаков дефект, туку редовен сервис. Официјалниот сервисер е во Нирнберг. Авионот треба да биде сервисиран и вратен во земјава другата недела“, изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата Пеце Мирчески.

Претседателот Стево Пендаровски на 11 јуни замина на средби во Брисел со редовна авионска линија со преседнување во Љубљана, а и премиерот Зоран Заев во саботата од Виена се врати како патник во економска класа со комерцијален лет.

При посетата на Брисел од кабинетот на претседателот Пандаровски информираа дека дека претседателот патува со редовна авионска линија. Во саботата беа објавани и фотографии од премиерот Заев сликан со патници на летот од Виена до Скопјe.

Ниту од Кабинетот на Пендаровски, ниту од Владата не информираа дека претседателот и премиерот летаат со редовни линии оти владиниот авион е на сервис.

Во вакви случаи, нормално е да патуваат со бизнис класа, бидејќи со карта од економска класа тие, во случај на откажувања или доцнења на летовите можат да извисат на некој од европските аеродроми и да ги пропуштат активностите за кои се платени. Ризикот да не стигнат на време каде што тргнале е поголем затоа што за речиси сите европски метрополи мора да се преседнува, а се лета со странски компании, бидејќи Македонија нема своја домашна компанија. Истиот проблем е и ако треба на време да се вратат дома. Тоа особено можело да му се случи на претседателот Пендаровски при неговото прво патување надвор од земјата, на средба со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, ако го пропуштел авионот на аеродромот на кој преседнувал на втор лет.

Минатата недела такво искуство имал министерот за надворешни работи Никола Поповски, кој заглавил на аеродромот во Париз заедно со поголема група патници. Никој од компанијата не се појавил, па реагирале аеродромските служби на аеродромот Шарл де Гол, откако им било сугерирано дека се работи за ВИП патник.

Според податоците од специјализираните воздухопловни сајтови, авиончето последен пат летало од Скопје до берлинскиот аеродром Тегел на 12 јуни и се вратило во домашната база на 13 јуни, најверојатно за средбата на премиерот Заев со германската канцеларка Меркел.

Лирџетот е купен во време на владата на Владимир Бучковски и е во сообраќај од јануари 2005 година. Има само 8 седишта и речиси секогаш дел од владините делегации мора да одат со редовни линии.

Во јануари оваа година директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство ја најави можноста Владата да размислува за купување на нов авион за потребите на државата, кој ќе има повеќе седишта.