Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска на прес конференција поврзана со скандалот „Рекет“ побара да се именуваат со име и презиме сите вмешани во скандалот.
– Аудио и видео снимките споделувани на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. И јас, како граѓанин, како човек, не само како претседател, сум разочаран затоа што се изневерени и моите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекуваме да се борат за правна држава – рече Пендаровски.
Пендаровски рече дека ќе ги употреби сите обвластувања да ги заштити институциите од притисоци, и да ја заштити, како што рече наципналната безбедност од обидите за нарушување. Според него тешката ситуација е тест за државата и правдата.
– Ќе докажеме дека функционира системот. Извесно е дека се вмешани луѓе со различни профили, се слушаат гласови на бизнисмени, па и на обвинителката Јанева, се слушаат имиња на политичари. Одговорност ќе има за сите вмешани без разлика дали се политичари. Никој не смее да биде над законот, вели тој.
Во текот на прес-конференцијата на Пендаровски, со свој став се јави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, кој запраша дали Пендаровски призна дека Катица Јанева и Зоран Заев и другарчињата се криминалци?
Доколку има докази, како што истакна Претседателот, треба да се поднесат обвиненија против сите инволвирани без разлика дали се носители на јавни функции или не.
-Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата. Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери, рече претседателот Пендаровски.