Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за Сител запрашан за можноста да се постигне договор за тоа чив е Гоце Делчев рече дека тоа е неспорно. Според него, Делчев е еден од темелите на македонската државност кој се борел за автономна и самостојна Македонија.
– Еве ви еден практичен пример. Денес, јас или вие ако бараме бугарско државјанство мора да се пишеме, не само ние туку и сите наши предци дека се Бугари, дали е точно тоа или не меѓутоа за да добиете бугарско државјанство во 2019 вие мора да се пишете за Бугарин. И сега сакате да ме убедите дека во тој историски контекст, повторувам и инсистирам на тоа, во тој историски контекст 1900 – 1901 година дека Гоце Делчев можел да се пише Македонец? Такви биле околностите во тој период, рече Пендаровски во интервјуто за Сител.
Пендаровски вели дека е неспорна каузата за која се борел Делчев и бара тоа двете страни да го констатираат.
– Неспорно е дека тој е еден од темелите на македонската државност. Што е спорно околу тоа?, рече Пендаровски.
Претседателот посочува дека не треба да се врши притисок врз членовите на експертската комисија со поставување рокови за постигнување на решение, а тоа му го посочил и лично на Борисов.
Со оваа изјава на Пендаровски јавноста е сведок на се поголемата оддалеченост на Пендаровски од Заев, па од тука јавноста го поставува и прашањето дали Пендаровски бара начин да се доближи до ВМРО-ДПМНЕ откако Христијан Мицкоски јасно побара од него да се повлече од првичната изјава дека Гоце Делчев е Бугарин.

Инаку Пендаровски за само неколку месеци го смени мислењето околу Гоце Делчев, откако во јуни годинава изјави дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин, додека гледаме дека во вчерашното интервју за Сител вели дека Гоце Делчев е еден од темелите на македонската државност и истиот не можел да се пише како Македонец.
Овој негов променет став според многумина доаѓа откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски јавно побара тој да се извини на Македонците за изјавата за Гоце Делчев и истата да ја повлече доколку сака средба со него.

-Секогаш кога ќе бидам повикан на лидерска средба каде што ќе се одлучува за иднината на нашата држава, на Република Македонија, ќе присуствувам и ќе додадам вредност. Но, доколку господинот Пендаровски сака да има тет а тет средба со мене тогаш ќе треба да докаже дека е претседател на сите граѓани. И ја користам оваа прилика еве да му упатам еден апел доколку навистина искрено сака средба со лидерот на опозицијата, прво што треба да направи е да им се извини на Македонците во Република Македонија за неговата изјава за Гоце Делчев и истата да ја повлече, па дури потоа може да разговараме за наша заедничка средба, ова го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју во дневникот на Канал 5 телевизија во јуни годинава, неколку дена откако Пендаровски ја даде срамната изјава.
Инаку јавноста во последниве месеци е сведок дека Пендаровски се повеќе се оддалечува од Зоран Заев откако во јавноста се откри неговата вмешаност во скандалот Рекет.
Пендаровски побара и политичка одговорност: Претседателот призна дека Јанева, Заев и луѓе околу нив се криминалци?!
Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска на прес конференција поврзана со скандалот „Рекет“ побара да се именуваат со име и презиме сите вмешани во скандалот.
– Аудио и видео снимките споделувани на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. И јас, како граѓанин, како човек, не само како претседател, сум разочаран затоа што се изневерени и моите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекуваме да се борат за правна држава – рече Пендаровски.
Пендаровски рече дека ќе ги употреби сите обвластувања да ги заштити институциите од притисоци, и да ја заштити, како што рече наципналната безбедност од обидите за нарушување. Според него тешката ситуација е тест за државата и правдата.
– Ќе докажеме дека функционира системот. Извесно е дека се вмешани луѓе со различни профили, се слушаат гласови на бизнисмени, па и на обвинителката Јанева, се слушаат имиња на политичари. Одговорност ќе има за сите вмешани без разлика дали се политичари. Никој не смее да биде над законот, вели тој.
Во текот на прес-конференцијата на Пендаровски, со свој став се јави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, кој запраша дали Пендаровски призна дека Катица Јанева и Зоран Заев и другарчињата се криминалци?
Доколку има докази, како што истакна Претседателот, треба да се поднесат обвиненија против сите инволвирани без разлика дали се носители на јавни функции или не.
-Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата. Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери, рече претседателот Пендаровски.