Актуелно 16.12.2024 14:14

Перински на национален Совет за рамномерен регионален развој: Ќе се состануваме со зголемена динамика да поттикнеме развој во сите региони

Перински на национален Совет за рамномерен регионален развој: Ќе се состануваме со зголемена динамика да поттикнеме развој во сите региони

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска претседаваше со националниот Совет за рамномерен регионален развој, кој денеска ја одржа 38 седница, практично со нов состав. Со последните измени на Законот за рамномерен регионален развој е направено усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа, со што структурата на Советот останува иста, но за прв пат членови на Советот се и министрите на новите министерства, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Министерството за спорт.

„Ова е местото каде што сите вклучени страни од двете нивоа на власт, централната и локалната, ги усогласуваат ставовите по прашањата од важност за рамномерниот регионален развој“, истакна претседателот на Советот, министерот Перински, кој посочи дека во наредниот период Советот ќе се состанува со зголемена динамика, а целта е да се поттикне развојот во сите општини и плански региони, соодветно на потребите на граѓаните и секогаш со вклученост на граѓаните.

На денешната седница, Советот ги утврди Предлог Одлуката за индикаторите за пресметување на развојниот индекс на планските региони и Предлог Одлуката за класификација на планските региони според степенот на развиеност, за периодот 2024-2028. Најразвиен останува Скопскиот плански регион, а со најнизок развоен индекс се Вардарскиот и Североисточниот плански регион во земјава. На предлог на Советот за рамномерен регионален развој, Одлуките ги донесува Владата.

Советот за рамномерен регионален развој е координативно тело меѓу надлежните министерства што имаат буџетски програми со влијание на регионалниот развој, но обезбедува и координација со Советите за развој на планските региони, каде членуваат градоначалниците од соодветниот плански регион.

На седницата, сите точки од дневниот ред беа едногласно усвоени, а претседателот на Советот, министерот Перински, најави дека следната седница ќе се одржи во јануари на која ќе се разгледува одлуката за подрачјата со специфични развојни потреби.