Актуелно 29.08.2023 10:54

Петте најголеми рудници во Македонија лани направиле заеднички приход од 270 милиони евра!

Петте најголеми рудници во Македонија лани направиле заеднички приход од 270 милиони евра!

Вчера се одбележа Денот на рударите. Министерот за економија, Крешник Бектеши, им го честита празникот на рударите и оцени дека Македонија има непроценливо природно богатство и затоа треба со особено внимание да се грижиме за наоѓалиштата на минерални суровини кај нас.

Порталот Пари, во соработка со платформата БизнисМрежа.мк, направи анализа: Колку рудното богатство и минералните суровини им донесоа промет и добивка на компаниите од овој сектор? Секако, големите приходи носат и големи даноци кои остануваат во државната каса. Пари анализираше и дали платите во овој сектор се над просекот, како што традиционално секогаш се случувало.

Податоците покажуваат дека најголемите 5 рударски компании имаат странски сопственици, оствариле вкупен приход од речиси 270 милиони евра, а чистата заработка им била околу 68 милиони евра.

ТОП 5 рударски компании по приход во 2022 година

РУДАРСКА КОМПАНИЈА ПРИХОД ВО 2022 ГОДИНА ДОБИВКА ВО 2022 ГОДИНА
САСА ДООЕЛ – Македонска Каменица 119,8 милиони евра 40,2 милиони евра
БОРОВ ДОЛ ДООЕЛ –Радовиш 66,0 милиони евра 5,8 милиони евра
Бучим – Радовиш 44,3 милиони евра 3,8 милиони евра
БУЛМАК 2016 –Пробиштип 35,7 милиони евра 4,3 милиони евра
МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ – Прилеп 30,8 милини евра 14 милиони евра
СОПСТВЕНИЦИ ОД СТРАНСТВО, ПРОФИТНИ МАРЖИ И ДО НАД 45 НАСТО

Податоците покажуваат дека рекордер по приход и по добивка е рудникот за олово и цинк Саса. Тоа е најголемиот рудник за подземна експлоатација во Македонија. Приходот во 2022 година му бил 119,8 милиони евра, што е за 26 проценти повеќе отколку во 2021 година, додека ланската добивка му изнесувала 40,2 милиони евра, што е за 14 проценти повеќе отколку приходот во 2021 година. Како што може да се види од овие податоци, лани рудникот успеал да претвори дури една третина од вкупниот промет во нето-добивка!

Од 2017 година рудникот Саса е во сопственост на интернационалната компанија Централ Азија метал, со седиште во Лондон.

Боров Дол е современ рудник за површинска експлоатација на бакарна руда, наследник на четириесетгодишниот рудник Бучим. Тој е втор по приход во рударската дејност, а трет по добивка. Лани Боров дол направил приход од 66 милиони евра и реализирал годишен раст од 25 проценти. Но, од друга страна, ланската добивка му е намалена за дури 51 процент во однос на 2021 година. Во 2022 година нето-добивката што ја реализирал рудникот за бакар била 5,8 милиони евра. Овде уделот на профитот во вкупниот промет лани бил 8,8 проценти.

Рудникот Боров Дол е во сопственост на меѓународната групација за рударство и метали, Солвеј инвестмент груп, лоцирана во Швајцарија.

Во 2022 година рудникот за бакар и злато Бучим од Радовиш направил вкупен промет од 44,3 милиони евра, што е за 45 проценти повеќе отколку во 2021 година. Во 2021 година рудникот немал добивка, но затоа во 2022 година добивката му била 3,8 милиони евра, со што го држи петтото место по добивка и истовремено третото по приход.

Лани Бучим работел со нето-профитна маржа од 8,6 проценти.

Булмак 2016 ДООЕЛ – Пробиштип е дел од бугарската Минстрој холдингот, која е концесионер на рудните наоѓалишта Злетово и Тораница. Рудникот за олово и цинк Злетово датира од 1928 година. Главни минерали во рудното лежиште на рудникот Тораница се: галенит, свалерит и пирит, а се појавуваат и други минерали од спектарот на хидротермалниот стадиум на нивното создавање. Булмак 2016 по приход и по добивка зазема четврто место. Реализирани се 35,7 милиони евра приход, што е 5 проценти повеќе отколку во 2021 година. Ланскиот приход ѝ донел на компанијата добивка од 4,3 милиони евра. Таа добивка, пак, е дури 63 проценти помала од онаа во 2021 година. Нето-профитната маржа е 12 проценти.

Петти рудник со најголем промет е Мермерен комбинат – Прилеп. Вкупниот приход од мермерот во 2022 година бил 30,8 милиони евра, и е речиси ист како во 2021 година. По добивка, пак, Мермерниот комбинат е на второто место, лани направил профит од 14 милиони евра, а тоа е за 6 проценти помал профит од оној во 2021 година. Учеството на профитот во вкупниот промет (нето-профитна маржа) на Мермерен комбинат е дури 45,4 проценти.

Мермерниот комбинат е формиран во 1946 година и оттогаш се занимава со експлоатација и преработка на бел мермер. Stone Works Holdings, холандска компанија во сопственост на PAVLIDIS MARBLE-GRANITE од Драма, Грција, поседува 89,25 проценти од акциите на компанијата.

Нето профитни маржи на најголемите рударски компании во 2022

РУДАРСКА КОМПАНИЈА УЧЕСТВО НА ПРОФИТ ВО ПРИХОД
МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ – Прилеп 45,4 %
САСА – Македонска Каменица 33,5 %
БУЛМАК 2016 – Пробиштип 12,0 %
БОРОВ ДОЛ – Радовиш 8,8 %
БУЧИМ – Радовиш 8,6 %
ОД ПЕТТЕ НАЈГОЛЕМИ ПО ПРИХОД И ДОБИВКА, САМО ДВЕ СЕ ВО ТОП 5 ПО ПЛАТИ

Како што можеше да се види од податоците, компаниите кои ја сочинуваат листата на ТОП 5 по приход ја сочинуваат и листата на ТОП 5 по добивки, само постојат одредени разлики во местата. Но, од тие две листи само две: Саса од Македонска Каменица и Боров дол од Радовиш, можат да се пофалат дека се и на листата на ТОП 5 рударски компании по плати.

Еве кои компании давале најголеми просечни нето-плати во рударскиот сектор минатата година:

ТОП 5 компании по плати во рударски сектор во 2022 година

РУДАРСКА КОМПАНИЈА НЕТО ПРОСЕЧНА ПЛАТА БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ
ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС – Скопје 121.801 7
САСА – Македонска Каменица 54.572 736
БИАНКО ХЕРАКЛЕА – Скопје 51.676 30
БАЛКАН МАРБЛЕ ИНДУСТРИЕС – Скопје 49.646 29
БОРОВ ДОЛ ДООЕЛ – Радовиш 40.461 299