Банкарство 05.02.2024 11:28

Платените надоместоци на увид – банките подготвија извештаи за граѓаните

Платените надоместоци на увид – банките подготвија извештаи за граѓаните

„Почитувани, годишниот извештај за надоместоци за 2023 година ви е достапен на шалтерите или другите канали на Банката“ – СМС пораки со ваква содржина деновиве добиваат имателите на платежни сметки во одделни банки.

Оваа новина произлезе од Законот за платежни услуги и платни системи, кој е во примена од почетокот на минатата година. Конкретно, се работи за обврската што ја имаат банките, да ги информираат клиентите за наплатените и за пресметаните, но се уште ненаплатени надоместоци. Еднаш во годината. Се работи за надоместоците по основа на денарските, девизните платежни сметки и кредитните картички.

Засега, за исполнувањето на оваа должност своите клиенти ги известија Комерцијална, Халк, Шпаркасе и Сикл Роуд банка. Освен телефонските пораки, на своите веб-страници имаат објави, преку кои ги упатуваат клиентите каде можат да ги добијат извештаите.

Според упатството од Народната банка, извештајот задолжително мора да ги содржи податоците за тоа колку чинат услугите: одржување на сметка; онлајн користење на услуги поврзани со платежна сметка; кредитен трансфер во денари во земјата; кредитен трансфер во евра во странство; кредитен трансфер во валута различна од евро во странство; прилив од странство; траен налог; издавање дебитна картичка; издавање кредитна картичка; подигнување готовина; дозволено пречекорување.

Извештајот за надоместоци е бесплатен за клиентите. ()