Партиите тргнаа во „лов“ на гласови. Пред избори, редовно ветуваат поголеми плати, пензии… СДСМ ветува повисоки плати доколку добие шанса за нов мандат. Поранешниот премиер, Димитар Ковачевски, изјави дека доколку ја добие довербата на гласачите, просечната плата ќе стигне до 1.000 евра, а минималната до 600 евра. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, најавуваат дека ќе растат пензиите и најавуваат линеарно покачување на пензиите од 5.000 денари за сите. Но, според експертите, политичките ветувања нема да ги качат платите и пензиите, туку реалните фактори, односно недостигот на работници и инфлацијата.
– Платите во приватниот сектор пораснаа од реалната потреба на пазарот на трудот и недостигот на работници во трудоинтензивните дејности: земјоделство, градежна, текстилна индустрија, а не поради политичките ветувања. И покрај растот, платите сè уште не се доволни за покривање на месечните трошоци на едно семејство. Во просек, платите на овие работници се меѓу 25 и 29 илјади денари, што е далеку под просечната плата, која достигна речиси 40 илјади денари. Што се однесува до јавниот сектор, платите на функционерите го кренаа просекот и се нереални и не соодветствуваат со платите на вработените во приватниот сектор – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател во Сојузот на синдикатите на Македонија.
Според математиката што мора да се примени при пресметката на минималната плата, според ССМ, таа овој месец треба да порасне за околу 2.400 денари, односно да биде 22.567 денари.
Од ССМ апелираат да не ветуваат нови работни места, кои државата нема да биде способна да ги исплати, како во „Македонски шуми“, каде што се вработија 400 лица, а речиси 1.900 вработени не зеле плата два месеца.
– Главна причина за повисоките плати во приватниот сектор е недостигот на работна сила, а не мерките на Владата и субвенциите за плати, кои се заглавени во Собранието и сè уште ниту една компанија не ги добила. Ветувањето за минимална плата од 600 евра и за просечна плата од 1.000 евра може да се реализира за 5-6 години, само ако се запази темпото на раст досега. Значи, до 2030 година, со ова темпо на раст, може да имаме двојно повисоки минимална и просечна плата – објасни Пешевски.
И според универзитетскиот професор Илија Каров, најавите за раст на платите од страна на партиите се само залажување на јавноста и политика за на телевизија.
– Со просечна плата од 40 илјади денари, се дава погрешна слика дека платите во државата се многу високи. Но, знаеме дека просекот го креваат високите плати на функционерите. И овие пари не се ништо ако видите дека сè е скапо во маркет и дека не може да се преживее со просечна плата – додава Каров.
Според експертите, трендот на раст на платите нема многу врска со политичките ветувања, туку со најголемиот проблем на глобалната економија – недостигот од работници. За да ги пополнат празните работни места, работодавците нудат поголеми плати.
Во моментов, во земјава, според евиденцијата на Агенцијата за вработување, објавени се 10.381 оглас за вработување. Најмногу се бараат оператори за во фабрики, работници за во малопродажбата, угостителството и во ИТ-секторот. ()