Актуелно 03.11.2023 09:59

По Чебрен, Владата планира на грчка компанија да продаде и дел од МЕПСО

По Чебрен, Владата планира на грчка компанија да продаде и дел од МЕПСО

Грчкиот електроенергетски оператор ИПТО (IPTO) во својата стратегија да ја зајакне својата позиција на балканскиот пазар планира да стекне удел во македонскиот оператор МЕПСО, пишува грчкиот специјализиран портал Енерџи прес. Ова се случува кога македонската јавност е сѐ погласна против владината одлука концесијата за изградба и управување со хидроцентралата Чебрен во јавно-приватно партнерство да ја даде на на грчка компаниј.

Според грчкиот портал, ако дојде до договор за купување на удел во МЕПСО, тогаш тоа ќе значи „активно вклучување на грчката влада, а соседната земја би можела да послужи како порта за влез на ИПТО (Independent Power Transmission Operator S.A.) во поширокиот регион на Западен Балкан за да преземе проекти за надградба на мрежата и интерконекција, кои дефинитивно се потребни“.

ИПТО (грчката држава е мнозински сопственик на оваа компанија) веќе испрати понуда за купување на удел во МЕПСО, или преку стратешки договор или со зголемување на акционерскиот капитал, информираат македонски извори за порталот. Менаџментот на ИПТО веќе подолго време се во разговори со претставници на македонската влада, на МЕПСО и на регулаторниот орган на земјата.

Овој потег, заедно со инвестициите на оваа компанија во Романија и Италија, според грчкиот портал, ќе ја зајакне и геополитичката улога на Грција во балканскиот регион.

Се предвидува дека МЕПСО со овој потег би го зголемил кредитниот рејтинг и да добие пристап до фондовите на ЕУ за надградба на мрежата.

Македонските инженери-енергетичари вчера ја повикаа Владата да ја преиспита и да ја повлече одлуката за доделување на концесија за користење на водата на Црна Река за производство на електрична енергија на грчкиот ППЦ-Архиродон. Таквата одлука ја сметаат за злосторство од која „последиците ќе ги трпат сите македонските граѓани и поколенијата“.

„Кадарни сме сè што е капитално да го даваме на странци да го работат, од него да ќаруваат и од тоа ние да зависиме. Таква ќе биде приказната и со хидроцентралата Чебрен, која заминува во грчки раце на повеќедецениска концесија“, беше нагласено на панел-дискусијата во Стопанската комора на Македонија.

Досега инженерите со неколку протести, под мотото „Чебрен и водите мора да бидат македонски“, го манифестираа незадоволството од ваквата лоша владина одлука. Според нив штетата (злосторството) што се прави со издавањето на ПАХЕЦ Чебрен, на 60-годишна концесија на странци, е огромна.

„Недозволиво е да се преговара и договара со која било странска или домашна компанија за доделување на концесија за користење на водата на Црна Река за производство на електрична енергија. Токму хидроцентралата Чебрен, која мора да биде македонска и Македонија да биде нејзин инвеститор, е најголемиот и најважен енергетски проект со стратегиска важност за одржување енергетската независност на Македонија. Инсталираниот минимален капацитет од 333 MW треба да овозможи Македонија да остане во голема мера енергетски независна по 2028 година, кога поради Зелената транзиција треба да престанат со работа РЕК Осломеј и РЕК Битола. Исто така, недозволиво е ХЕЦ Тиквеш да се подарува – нашите води не се за продажба! Македонските природни богатства не смеат да се узурпираат и да се распродаваат на домашни и странски компании“, велат од Здружението на енергетичари на Македонија – ЗЕМАК.