Oткако грчките пратеници синоќа го ратификуваа Протоколот за НАТО, Грција сега треба да испрати вербална нота до Македонија со која ќе ја информира за ратификацијата на Договорот од Преспа и на Протоколот за НАТО, пишува порталот faktor.mk
Потоа Македонија ќе испрати вербална нота до Грција и ОН дека Договорот стапува на сила. Потоа, Македонија со писмо ќе ги извести ОН и меѓународните организации дека земјата сега се вика Република Северна Македонија.
Откако официјално ќе се промени името ќе следува отворање амбасади во двете земји. Досегашните канцеларии за врски во Скопје и Атина прераснуваат во амбасади.
Грчкиот парламент синоќа го ратификуваше Протоколот за Македонија да му се приклучи на НАТО. Имаше 153 гласа „за“ и 140 гласа „против“. Пристапниот Протокол сега треба да биде ратификуван и од останатите 28 земји членки на алијансата, по што Македонија, со новото име Северна Македонија, ќе стане 30. членка.