Живот 06.04.2021 23:25

Почина храбрата Елизабета Бабунска

Почина храбрата Елизабета Бабунска

Почина Елизабета Бабунска, храбрата жена која се бореше со рак на желудникот. Тажната вест вечерва на социјалните мрежи ја сподели отец Оливер Петровски од Хуманитарната органзиација Свети Спас од Драчево, од каде што беше и Елизабета.

Бабунска имаше само 42 години и неколку месеци се бореше со тешкаѕа болест. Во јавноста беа објавени повеќе апели, потреба за донации поради лекувањето кое планираше да го продолжи во Турција. Нејзе и бил дијагностициран рак на желудникот, а на интервенција потоа желудникот бил и отстранет. Сепак се утврдило дека има и метастази, па затоа имаше потреба од дополнително лекување.

– Нашата сестра Елизабета се пресели во Царството Небесно и замина од земниот свет… Но не тагувајте, затоа што таа го напушти овој свет и се пресели во Царството Божјо. Таа не умре, а одново се роди за живот вечен… Сестро, ти вечно ќе останеш во нашите срца и во нашите сеќавања!Вечен спомен сестро Елизабета!!!, објави отец Оливер.

Елизабета и нејзиниот сопруг Ивица имаат две деца, ќерката Лина која има 8,5 години и Јаков кој има четири години.

Неодамна, таа во интервју за порталот ММС раскажа за болеста:

– Во септември без никакви проблеми ми се појави дијареа. Веднаш отидов на матичен и, секако во оваа состојба, таа прво што ме праша имам ли температура, се посомнева на корона. Потоа два пати во денот повратив, но немаше крв. Вечерта многу ми беа жолти рацете и лицето. Маж ми за да ме смири ми рече веројатно сум истоштена бидејки повраќав. Се јавив на една пријателка, која е медицинска сестра да дојде да ми даде некоја витаминска инфузија за да се освежам. Таа беше на работа и бидејки крвната слика ми покажа 7 хемоглобин а 3 железото ми побара да ги покаже резултатите на други лекари за второ мислење. Тогаш и рекле дека се сомневаат дека имам проблем или со желудникот, или гинеколошки проблем или дебело црево. Тогаш почнав да ги правам сите испитувања и кога се беше готово со резултатите се установи дека имам израсток, рана на желудникот. Од срце и благодарам на пријателката што ми помогна инаку мислам дека до сега ќе бев почната. Преку свои луѓе стасавме до лекарите за операција, до Караџов и Џамбас. Ми рекоа: „Се што можам да спасам од желудникот ќе спасам, ако не ке го отстранам“. Се оперирав најбзро што можеше. Но, кога ме отворил се видело дека има метастази. Од хирургија излегов со препорака- борете се, млада е вреди да се борите, изјави Бети.

За да не ја исплаши и за да не и падне духот сопругот Ивица сокрил од неа неколку работи, кои таа подоцна, кога првиот пат заминале во Турција и ги кажал.

-Ми кажа дека желудникот е изваден а не знаев и за метастазите. Подоцна сопругот ми кажа и дека на онкологија му кажале дека ми предвидуваат девет месеци живот, дека не знаат дали ќе ја издржам терапијата оти е многу силна. Кога јас тоа го дознав прво што помислив се децата. Мали се, како ќе се снајдат без мене, без мајка. Потоа од пријатели дознавме дека во Турција имало лекување кое давало многу добри резултати. Но, како да стасаме до таму кога треба мноу пари. Јас тогаш почнав да плачам. Тоа навистина се многу пари за нас. И кредит да подигнеме нема да ни помогне. Собравме пари се што имавме и заминавме прв пат во Турција. Тие без пет скен не даваат прогноза. Таму примив две хемотерапии. Овде ми рекоа дека нема да можам да ги поднесам хемотерапиите а јас во Туција не поминав лошо, како што овде ми предвидуваа. Ми вградија порт и се што е потребно примам преку тоа. Пробавме овде во Фондот и не ни одобрија, сме ја имале истата терапија и овде. Но, кога рековме како е истата кога не е и како кога овде прогнозите со хемотерапијата се лоши а таму не. Не сакаа да потпишат преку Фондот. Дојдовме некако и до министерот Филипче. Тој рече: Толку се нашите можности. Колку е лекувањето? Значи минимум 50.000 евра, без дополнителните трошоци. Министерот на маж ми рече дека овде ќе се прави тоа, ќе направи се што е во можност и лекари и ако треба во апартман да ме сместат и се. Му благодарам од срце за тоа, но тој не може да ми го даде невозможното. Мене не ми треба апартман, и на земја ќе лежам и ќе ја примам терапијата само моите деца да имаат мајка, раскажуваше низ солзи Бети.