Продолжува трендот на упис на имоти под хипотека, што е сосема нормално кога станува збор за поголеми и посериозни, чија отплата понекогаш трае со години.
Последните податоци кои ги објавува Агенцијата за катастар на недвижнини покажуваат дека во третиот кваратл од оваа година под хипотека се ставени скоро 1.800 имоти, со вкупна вредност од 376,6 милиони евра.
– Во периодот јули – септември 2023 година се запишани товари врз недвижностите во вкупен број од 1.776 и со вкупна вредност од 376.635.093 евра и 1.971.233.665 денари – пишува во последниот квартален извештај на Катастар.
Во однос на претходниот квартал има благо намалување на бројноста на имотите кои се ставени под хипотека, а секако и на вредноста, бидејќи во вториот квартал вкупната вредност на имотите под хипотека достигнала 455 милиони евра.
– Во периодот април – јуни 2023 година се запишани товари врз недвижностите во вкупен број од 1.888 и со вкупна вредност од 295.082.329 евра и 2.411.397.850 денари – објавува Катастар.
Од годишните податоци кои ги објавува Агенцијата за катастар на недвижнии и кои се однесуваат на имоти ставени под хипотека бројките упатуваа дека има благ пад на интересот за упис на хипотеки. Имено податоците од Годишниот извештај на Агенцијата покажуваат дека во текот на минатата година се намалил и бројот и вредноста на недвижнини за кои е договорена хипотека.
Во текот на 2022 година во катастарот се запишани хипотеки врз 7.658 недвижнини чија вкупна вредност достигнува 1,55 милијарди евра.
За споредба во текот на 2021 година под хипотека биле ставени скоро илјади имоти повеќе, или точно 8.386 недвижнини со вкупна вредност од 1,99 милијарди евра.
()