Економија 29.10.2018 13:31

Подем, пад и исчекување – турбулентната прва деценија на Биткоин

Подем, пад и исчекување – турбулентната прва деценија на Биткоин

Од раѓањето во анонимен документ во академски стил до трансформирање во еден од
најнестабилните и најследени финансиски инструменти – Биткоинот, кој полни 10 години, доживеа
бурна прва деценија.
Еве некои од перипетиите низ кои помина најпопуларната во светот дигитална валута, која се наоѓа во
моментот на работ – соочена со дилемата или да биде прифатена на масовниот пазар или „да се
пензионира“ предвреме, посочува агенцијата „Франс прес“ во својот материјал.
Биткоин балонот
На 31 октомври 2008 година валутата е претставена на светот со објавувањето на документ од девет
страници, составен од човек или група со псевдонимот Сатоши Накамото. Документот е наречен
„Биткоин: E монетарен систем од корисник-до-корисник“.
Целта на Накамото: да се создаде систем кој прави плаќања директно од една земја до друга без да
помине низ финансиска институција.
Тоа беше всушност генералната замисла за светска валута, која не може да биде контролирана од
ниедна централна банка и да биде достапна за секого.
Генеза
Првите 50 бинткоини се родени во 18 часот и 15 минути по Гринич на 3 јануари 2009 година. Тие се
собрани во една единица, наречена блок, а првиот блок носи соодветно име – „блок на генезата“.Оттогаш секој нов блок се закачува за блокот пред него, создавајќи она што денес е познато како блокчеин.

Првата трансакција помеѓу две сметки се случува девет дена подоцна, кога Сатоши Накамото испраќа
како тест 10 биткоини на компјутерскиот специјалист Хал Фини.

Првата проценка за вредноста на биткоинот е направена на 5 октомври 2009 година врз основа на
потрошувачката за производство. Тогаш најдобар начин да добиеш биткоин е да ги „копаш“ – да
користиш компјутери за решавање на комплексни задачи кои ослободуваат биткоини од блок.
Трошоците за електрична енергија (активноста по добивањето на биткоини вклучува огромни блокови
од меѓусебно поврзани процесори), се покриваат од реалната вредност на биткоинот.
Задачите за решавање стануваат потешки со зголемување на бројот на корисниците, што пак го прави
„копањето“ сè поскап процес.
Пица за 30 милиони долари
На 22 мој 2010 година, развивачот на витруална валута во Флорида, Ласло Ханиец плаќа на разнесувач
на пица 10.000 биткоини за две пици. Ова е првото познато плаќање со дигиталната валута, која тогаш
вреди 41 долар. Денес секоја од овие пици би чинела над 30 милиони долари. Од тогаш 22 мај е познат
како „Денот на биткоин пицата“.

Исчезнувањето на Накамото

Сатоши Накамото го најави своето повлекување од проектот на 12 декември 2010 година,
прекратувајќи ги сите биткоин операции четири месеци подоцна. Од тогаш, личноста и количината на
биткоин во сопственост на Накамото остануваат мистерија.
Накамото накратко се појавува во интерент соба за разговор во 2014 година, за да побие статија на
списанието „Њузвик“, во која се тврди дека е откриен неговиот идентитет.

Пробивот
Минатата година беше многу нестабилна за биткоин. Дигиталната валута влезе во новинските
наслови, откако нејзината вредност скокна од под 1.000 долари во јануари до историскиот максимум
од 19.511 на 18 декември според податоците на „Блумберг“.
Сега биткоинот чини околу една третина од рекордната вредност и се очекуваат поскромни количини
на трговија и флуктуации во цените. Аналитичарите гледаат на тоа или како на знак за зрелост, или
како почеток на крајот на биткоин.
Во искечување
Надежите на биткоинот за следен пробив се поврзани со одобрението од Комисијата за хартии од
вредност и берзите на САД за сопствени фондови за берзанско тргување (ETF), засновани врз основа
на цената – хартии од вредност, слични на акции, кои ќе бидат засновани на цената на биткоинот.
Овие фондови се едни од најпопуларните механизми за трговија и дозволата од Комисијата ќе го
поддржи значително биткоинот, откако ќе се обезбеди како неговата краткорочна иднина, така и
неговиот углед меѓу големите инвестициски фондови.

Комисијата сега разгледува неколку барања. Досега одбиваше, истакнувајќи ги како мотив грижите
поврзани со опасноста од измама.