Извршниот одбор на „Подем“ на вчерашната седница едногласно ја потврди одлуката од членовите на Централниот одбор, за игнорирање на претстојниот референдум на 30 септември 2018 година.
„Со оглед на штетниот и неуставен договор во Нивици, крајно несериозното и збунувачко референдумско прашање, како и политичката и економска неизвесност, во која актуелната Влада ја води земјата, ги повикуваме граѓаните на Република Македонија на 30 септември да го игнорираат референдумското изјаснување“ соопшти Подем.
„Подем“ уште еднаш истакнува дека местото на Република Македонија и е во Европската Унија и НАТО, но членка со национално достоинство, неуценета и почитувана.
„Референдумот не смее да биде изговор за политичкиот и економскиот неуспех кој и се случува на Република Македонија во секоја сфера на живеење. Единствен договор кој мора да ги обедини сите политички партии е правецот во кој ќе се одвиваат реформите во судството, борбата против корупцијата, подобрувањето на состојбите во образованието и здравството, зголемувањето на животниот стандард на населението“ порачуваат од „Подем“.