Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги одложи планираните економски консултации со Русија кои требаше да започнат оваа недела со цел да се соберат повеќе податоци и анализи.
„Консултациите со Русија се одложени додека не ги собереме сите потребни податоци и анализи за ригорозни консултации“, потврди ММФ, а пренесува Ројтерс.
ММФ планираше да спроведе рутинска проценка на економската политика на Москва за прв пат откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, но неколку европски земји се спротивставија на повторното ангажирање.
Во соопштението на ММФ не се дадени дополнителни детали за временската рамка за консултациите, кои се годишен услов за членство во таа организација.
Последната годишна мисија на ММФ ја посети Русија во ноември 2019 година, пред почетокот на пандемијата.
Рускиот директор во ММФ, Алексеј Можин, претходно изјави дека консултациите се одложени поради технички причини, пренесува Танјуг.
„Раководството на Фондот ја информираше руската страна и бордот на директори дека работата на мисијата ќе се одложи на неодредено време. Причината за одложување на мисијата беше техничката неподготвеност на мисијата да изврши консултации“, рече Можин.
По инвазијата на Москва на Украина во февруари 2022 година, ММФ ги прекина годишните консултации со Русија.
Девет европски земји протестираа против плановите на ММФ, велејќи дека тоа ќе му наштети на угледот на фондот со седиште во Вашингтн со продолжување на дијалогот со земја која изврши инвазија на друга земја.„Би сакале да го изразиме нашето силно незадоволство од ваквите планови на ММФ“, се вели во писмото до генералниот директор на ММФ, Кристалина Георгиева, министрите за финансии на Литванија, Латвија, Естонија, Финска, Шведска, Исланд, Данска, Норвешка и Полска.
Според најновите податоци на Московската Федерална државна служба за статистика, руската економија во вториот квартал пораснала четири отсто на годишно ниво.
Сепак, голем дел од експанзијата беше во производствениот ектор, каде што фабричкото производство беше сè повеќе посветено на воените напори.