Климатскиот инвестициски фонд од три милијарди евра кој го најавува Владата и меѓународните кредитори заради декарбонизација на Македонија, ќе доведе до губење на работни места во пелагонискиот и југозападниот дел од земјата, а најмногу ќе „настрада“ Општина Новаци.
Во инвестициски план за забрзана зелена транзиција, што го објави Министерството за економија пред неколку дена на својата веб-страница, Македонија до 2023 треба да се ослободи од термоелектраните во Битола и Кичево, но тоа ќе значи и губење на голем број работни места.
Според она што е прецизно објавено, на повеќе од 3.000 работници, најмногу од редовите на ЕСМ, им се заканува отпуштање, односно принуда за преквалификација и промена на работното место.
Од Битола се таргетирани 1.981 работник, 797 од Кичево, 224 од Новаци, 134 од Могила, 93 од Демир Хисар и 32 од Крушево. Процентуално најзагрозено место е Новаци, каде што дури 25 отсто од населението би останало без работа, односно со еден член од домаќинствата како невработен, доколку не се вклучи во програмата. Се напоменува дека ова се бројки за директно вработени, а засегнати се и многу други од синџирот поврзан со енергетика и рударство.
„Развојот на овие проекти обезбедува и подобрени вештини и можности за вработување за работниците од синџирот на снабдување на јаглен кои ќе бидат погодени од деактивирањето на електраните, затворањето на рудниците, како и другите членови на заедницата, притоа минимизирајќи ги негативните социјални и економските ризици и влијанија. Во моментов, 3.433 работници работат во ЕСМ (2.878 постојани, 555 привремени), како вработени во електраните и рудниците, од кои мнозинството (86%) се мажи.
Надоврзувајќи се на искуството од тековната поддршка на ЕСМ и Патоказот за праведна транзиција, проектот ќе спроведе сеопфатната иницијатива за преквалификација и прераспоредување за засегнатите работници. Додека тековното програмирање на Европската банка за обнова и развој за ЕСМ цели само на 450 работници, постои потреба да се поддржи интеграцијата на пазарот на трудот за остатокот од барем 1.200 работници и околу 2.000 работници од синџирот на снабдување, кои се очекува да бидат индиректно погодени од транзицијата на зелената енергија на компанијата. Се проценува дека транзицијата на ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј, може да влијае на 10.000 жители ако се има предвид само бројот на вработени во електраните и се земе во предвид просекот од 3 членови по домаќинство“, пишува во два од неколкуте донесени точки на заклучоци во овој план.
За да не останат на улица, дел од парите ќе бидат наменети за едукативни курсеви и преквалификација, како и нови работни вештини. Како можност за нови работни места се споменуваат индустриските зони.
На самиот за климатски промени во Дубаи се најави планот со кој Македонија ќе добие позајмици и кредити вредни неколку милијарди евра со кои што ќе треба да се откаже од користење на јаглен и да се префрли на обновлива енергија. Владата не ги соопшти деталите, ниту пак со колку пари ќе учествува. Меѓународните кредитори го поддржуваат планот за откажување на Македонија од јаглен, тежок 4 милијарди евра. Планот е да се затворат двете централи на јаглен во земјата и да се заменат со 1,7 гигавати обновлива енергија. Во Македонија има две електрани на јаглен – во Битола и во Осломеј, кичевско. Тие имаат инсталирана моќност од околу 800 мегавати.
Опозицијата пред една година реагираше дека Владата е подготвена за кредит од 100 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), да ги затвори РЕК „Осломеј“ и РЕК „Битола“ до крајот на 2023, односно 2027 година, а со тоа и четири илјади луѓе без своето стандардно работно место, а најмалку 40-ина илјади луѓе би трпеле сериозни загуби во тековното работење. ()