Во однос на дилемите околу видот на референдумот, односно дали се работи за консултативен или задолжителен, потребно е да се исполнат два основни услови, вели поранешниот член на ДИК и професор, Александар Даштевски.
-Кај двата облици на референдум, целокупната постапка предвидена во законот треба да биде фер и демократска, за да биде успешен. Односно треба да бидат обезбедени двата кумулативни услови, излезност од над 50% од запишаните избирачи (односно над 907.000 избирачи) и во таа бројка 50% плус 1, да гласаат “ЗА” поставеното прашање. Во тој случај не е многу важно дали референдумот ќе биде задолжителен или консултативен, бидејќи условите се исти, освен ако не се работи за прашање кое е предвидено во членот 23 и 29 од Законот за референдум, вели Даштевски.
Тој додава дека обврска на институциите на системот е да формираат недвосмислено прашање, за кое ќе постои нацинален консензус.
-Во согласност со Член 15 став 4 од Законот за референдум, прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдумот да може да одговори со „ЗА“ или „ПРОТИВ“. Затоа не смеат да се поставуваат прашања кои се надвор од темата или од друга тема, бидејќи тие можат да ги збунат граѓаните и референдумот да не успее, вели професор Даштевски.
-Секој обид, на власта да се одлучи за политичко насилство и да го спроведе ова во Собранието на Републока Македонија, со тврдоглаво туркање на сопствена агенда, со поставување на двосмислено прашање, може да остави црна дамка, со историски последици, како што беше случајот со Референдумот 2004 година, вели поранешниот член на Дик Даштевски.
Затоа професорот Даштевски повторува дека прашањето мора да биде кристално јасно и недвосмислено, поврзано со Спогодбата. Во спротивно, нема потреба од Референдум, бидеќи според Спогодбата тој и така не е задолжителен, па подобро да нема отколку да биде во спротивност со Уставот и законот