Не е баш најлесно и баш наједноставно да се работи втора работа ако веќе имате една, бидејќи слободното време ќе ви се сведе на минимум, а сѐ помалку ќе ги гледате семејството и пријателите. Меѓутоа, кога нема друг начин за да се подмират месечните трошоци или долгови, тогаш барањето и работењето втора работа е единствениот избор. На тој начин ќе можете да заработите уште една плата, а во согласност со личните вештини и искуството, луѓето кои се одлучуваат за дополнителна работа можат да бидат платени на час или на ден.
Економските домашни експерти издвојуваат неколку работни места до кои лесно може да дојде човек, а екипата на Денар се обиде да изнајде луѓе кои со години се занимаваат со овие професии:
Учител по англиски јазик преку Интернет
Како дополнителна работа за луѓето коишто знаат англиски јазик, најпопуларни се онлајн часовите за деца и за возрасни, особено за луѓето од азиските земји – Кина или Јапонија. Предноста на овој начин на заработка е во тоа што самите вие одлучувате колку часови ќе имате дневно, а се договарате и за времето во кое ќе го одржите часот. Цената за еден онлајн час во просек изнесува околу 10 долари.
-Веќе неколку години се занимавам со предавање англиски јазик на деца и возрасни од странство. Предавањето тече онлајн, и во последно време имам доволно клиенти, па можам да кажам дека вадам една убава месечна плата – раскажува 29-годишната Стефанија Аврамовска од скопската населба Влае.
Дигитален маркетинг и дизајн
Ако поседувате соодветно техничко знаење и искуство, односно вештини за дигитален дизајн, ако се разбирате од дигитален маркетинг и социјални мрежи, тогаш покрај вашата примарна работа можете да заработувате и работејќи онлајн од дома.
Во оваа област има најголема побарувачка за луѓе кои се подготвени да се занимаваат со дигитален маркетинг, односно со водење социјални мрежи на клиенти.
-На почетокот имав основно познавање на дигиталниот маркетинг, но добро бев обучена за водење социјални мрежи и спонзорирање објави на Фејсбук, на Инстаграм… Сега работам од дома за една голема странска компанија и одлично се снаоѓам. Сама си одбирам кога да работам, кога да одморам, а немам некој огромен притисок од претпоставените. Нема да кријам и ќе кажам дека месечно заработувам околу 600-700 евра само од оваа дополнителна работа – ни изјави Моника Илијовска од Аеродром.
Достава на храна и курирска служба
За претходните две работни места неопходни ви се специфични вештини, но не се сите бродови пропаднати дури и за луѓето кои сметаат дека не би можеле да се снајдат со заработка на Интернет.
Затоа, постои работното место достава и курирска служба, а и тука заработката е по учинок, а платата изнесува толку колку што сте самите вие подготвени да жртвувате од слободното време.
-Работам како надворешен соработник на една скопска компанија за достава на пратки. Секогаш кога имам слободно време одам во базата на компанијата, земам одреден број пратки и ги разнесувам во одреден реон во Скопје. Со оглед на тоа што ова ми е втора работа, јас обично не работам повеќе од 4 часа во денот, па затоа и заработувачката изнесува околу 200 евра месечно. Како и да е, задоволен сум – раскажува Стефан Иванов од Карпош.