Економија 25.04.2025 10:02

Потрошувачката кошничка пониска за над 2000 денари, мерките на Владата за ограничување на маржите даваат позитивни ефекти

Потрошувачката кошничка пониска за над 2000 денари, мерките на Владата за ограничување на маржите даваат позитивни ефекти

Владината мерка за замрзнување на цените и ограничување на маржите на основните прехранбени производи има позитивни ефекти. Овие резултати потврдуваат дека мерките се ефикасни и дека Владата продолжува со својата политика на стабилизирање на економијата и подобрување на животниот стандард, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Според анализите на ССМ, во месец февруари 2025 година, трошокот за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство изнесувал 23.427 денари. Во март истиот трошок се намалил на 21.838 денари, што претставува намалување од околу 3%. Во април, трошокот дополнително опаднал на 21.280 денари, што претставува вкупно намалување од 2.147 денари или речиси 9% во споредба со февруари.

Покрај намалувањето на трошоците, во март е регистрирано и намалување на инфлацијата, која падна на 2.7%, што е за 1.3% помалку во однос на февруари. Овие податоци кореспондираат со мерките на Владата и се потврда за нивната ефикасност во стабилизирањето на економијата.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ донесе две одлуки за ограничување на бруто профитните маржи, кои овој пат беа скалесто поставени на 5%, 10% и 15% во зависност од производите, а според ДЗС ефектот е позитивен од двете владини одлуки“, додаваат во соопштението.

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изработува нова потрошувачка кошничка, а цените ќе се пресметуваат како просек од неколку маркети, и кошничката ќе биде јавно достапна.

Во рамки на спроведувањето на мерките, досега се извршени над 600 инспекциски контроли во трговијата на големо и мало, затворени се осум објекти поради прекршување на мерките, а контролите ќе продолжат до 30 април“, нотираат од партијата.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги штити интересите на граѓаните, и е насочена кон стабилизирање на животниот стандард, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.