Се градат станови, а нема кој да живее во нив. Ова не само што е чест коментар, туку накусо ја опишува реалната состојба на теренот, со оглед на темпото и на изградба на новите станбени згради, но и на иселувањето од земјава.
И покрај тоа, статистиката располага со фрапантна бројка – од 2013 па досега, значи за 11 години, изградени се 73.444 станови. За споредба, меѓу двата пописа 2002-2021 населението е намалено за 200 илјади, а според проценките, само последниве неколку години заминале над 77 илјади млади. Кои би требало да се потенцијалните купувачи на новите станови.
За изградбата на тие над 73 илјади станови, кои зафаќаат површина од 6.060.301 метар квадратен, издадени се 32.874 дозволи, чија вкупна вредност е 546,5 милијарди денари или 8,9 милијарди евра. Оттаму и просекот од 1.466 евра за квадрат.
Купувачи има, но и многу од становите се празни. На пример, пописот од 2021 покажа дека една третина од становите се празни. Од тогаш вкупно евидентираните 839.174 станови, во 307.187 немало жители. Тоа претставува 36,6 отсто од становите.
Најмногу се гради во Центар, а таму е и најголемиот број празни станови, 10.865, што значи над 40 проценти. Од скопските општини следи Карпош со 10.041, а најмалку ненаселени станови има во Чаир – 17.771.
Градежното лудило го има зафатено и Охрид. Податоците од пописот покажуваат дека и таму се празни речиси половината од становите, 17.820, а изградени се 33.660.
Од 2021, кога беше изведена пописната операција бројките се изменети, но се цени дека сега само во Скопје има над 75 илјади празни станови, од тогашните 59.300.
Уште малку статистика – државата има 1,8 милиони население (попис 2021) и по 40,1 изграден стан на 1.000 жители.